Многу непринципиелни услови ѝ беа поставени на Македонија од земјите-членки на ЕУ, направи многу национални отстапки на македонскиот жртвеник, по кои практично беше измамена за почеток на преговорите, а сега е под притисок на ЕУ да спроведе уставни измени со кои ќе отвори врата за бугарска асимилација на македонскиот национален идентитет. Тоа се случува во време кога самата ЕУ нема јасна претстава за себе како би се реформирала. Во такви услови, логично се наметнуваат прашањата за заштита на македонското национално битие, додека ферментираат европските реформски процеси
Како Македонија да го пронајде патот до Брисел, во контекст на потрагата на ЕУ по
себетрансформирање
Денеска, 5 октомври, форумот наречен Европска политичка заедница (ЕПЦ) го одржува својот трет самит, во Гранада, Шпанија. ЕПЦ е оној проект на францускиот претседател Емануел Макрон што е замислен како форум за дијалог и соработка меѓу Европската Унија и земјите од нејзиното соседство за решавање прашања од заеднички интерес. Макрон го најави овој проект на 9 мај 2022, за време на неговиот завршен говор на конференцијата за иднината на Европа, чија цел беше да одговори на регионалните предизвици и проблеми предизвикани од руската инвазија на Украина… и веќе деновиве се одржува третиот самит.
Европската политичка заедница е составена од 27 земји-членки на ЕУ и 17 други соседни земји, како што се Украина, Обединетото Кралство, Турција, Швајцарија и земјите од Западен Балкан, во кои се вбројува и Македонија.
Проширувањето на ЕУ – геостратегиска инвестиција во мирот
Самитот на Европската политичка заедница на некој начин се третира како неформален самит на Европската Унија (ЕУ), од кој се очекува да произлезе документ, декларација во која лидерите ќе изнесат заедничка агенда за наредните неколку години за стратегиските прашања за блокот, вклучувајќи ги и миграцијата, економијата и конкурентноста, одбраната и проширувањето. Сепак, европскиот медиум „Еурактив“ нагласува дека декларацијата што се очекува од Гранада е „некаква одлука за патот напред, пред повторно да се сретнат на последниот самит на ЕУ во декември годинава, каде што ќе треба да се донесат потенцијално клучни одлуки“. Односно, тоа е прв стратегиски план за тоа што еден ден би можело да биде многу поинаква ЕУ.
Уште пред почетокот на самитот, во јавноста беше неформално објавена нацрт-верзијата на декларацијата, во која се наведува дека „проширувањето е геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани“.
– Гледајќи напред, кон перспективата за понатамошно проширување на Унијата, и ЕУ и идните земји-членки мора да бидат подготвени. Членките што се борат треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со заслугите – природата на пристапниот процес заснован и потпомогнат од ЕУ – се наведува во нацрт-декларацијата.
Декларацијата, која треба да ја усвојат шефовите на држави и влади на ЕУ, ќе ја нагласи неопходноста не само земјите-кандидати туку и ЕУ да биде подготвена „да ги постави потребните внатрешни основи за Унијата да биде подготвена за проширување“.
– Нејасноста е сосема намерна, тврдат многу дипломати од ЕУ – наведува „Еурактив“ во својата анализа на нацрт-декларацијата, каде што се споменуваат заложбите за проширување на Унијата.
Многу нон-пејпери за проширување на ЕУ, но дури по сопственото реформирање
Во анализата на „Еурактив“ за предизвиците што се поставуваат пред европските лидери на неформалниот самит во Гранада се наведува дека „војната на Русија во Украина стана моќна причина за проширување и подобрување на ЕУ“.
– Заклучокот што се кристализираше во текот на изминатите месеци е – да, тоа е геостратегиски избор за проширување на ЕУ. Тоа треба да биде порака на земјите- членки на ЕУ до кандидатите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија, и Србија – како и Украина, Молдавија и Грузија, кои долго време чекаат.
Но, на прашањето кога блокот е подготвен да прими нови членки, може да се одговори само откако Брисел ќе открие како ќе функционира кога ќе се прошири од 27 на потенцијално 30+ членки – пишува „Еурактив“.
Потоа се наведува дека во текот на изминатите месеци беа изработени неколку труда за размислување што би можеле да помогнат во насочување на лидерството на ЕУ. Почнувајќи од оној на Шпанија на 80 страници, па најамбициозниот заеднички работен план на Франција и Германија, преку нон-пејперите на Австрија, Полска…, па и неколку аналитички центри… Заклучокот од сите нив е дека ЕУ сè уште не е подготвена да ги пречека новите членки, ниту институционално ниту политички, и потребни се реформи.
Македонија под притисок од сѐ уште нереформираната ЕУ
Како што се нагласува и во анализите на европските медиуми, Македонија е земја-кандидат што долго чека на шансата само да ги започне преговорите со ЕУ. Дури и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој настојува да биде политички (пре)коректен спрема условите што ги наметнува ЕУ, призна во едно неодамнешно интервју дека „Македонија е најмалтретираната земја на својот евроинтегративен пат“. Многу непринципиелни услови ѝ беа поставени на Македонија од земјите-членки на ЕУ, инаку нејзини соседи, направи многу жртвени национални отстапки, по кои практично беше измамена за почеток на преговорите, а сега е под притисок на ЕУ да спроведе уставни измени со кои ќе отвори врата за бугарска асимилација на македонскиот национален идентитет. Тоа се случува во време кога самата ЕУ нема јасна претстава за себе како би се реформирала. Во такви услови, логично се наметнуваат прашањата за заштита на македонските национални интереси додека превриваат европските реформски процеси.
Може ли Македонија во ова европско разногласие за проширувањето некако да ја пронајде правилна линија во која треба да ги насочи своите евроинтеграции? Дали треба да брзаме со уставните измени (кои, нели, ни се услов за почеток на преговорите) во услови кога ЕУ ги предоговара критериумите за проширување и додека го бара клучот за и самата да си влезе дома?
– Земјите-членки на ЕУ несомнено во текот на наредната година ќе дискутираат врз основа на мноштвото предлози што се на маса за модалитетите и форматот на идното проширување. Таа слика секако дека не е јасна во моментот, но дебатата ќе се засили пред следните избори за Европскиот парламент, во мај 2024. Ние мора активно да ги следиме тие дискусии и да се држиме до агендата како држава што направила значајни компромиси во име на пристапувањето во ЕУ. Условот за уставни измени секако останува како дел од нашата преговарачка рамка. За нас дома клучно е македонските институции да направат стратегиска процена за значајни области што би ги предложиле за т.н. забрзана интеграција и да се креира притисок врз комисијата и земјите-членки да испорачаат на овој дел од новата методологија за пристапување – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.