Повеќе експерти во областа на евроинтеграциите немаат никаква дилема дека изјавите на домашните политичари за тоа дека Бугарија немало да испорачува нови барања се базираат на претпоставки, лични убедувања, дека немаат сериозна претходна анализа на која аргументирано се потпираат таквите неосновани тврдења. Континуирано исполнување услови (читај условувања, уцени) содржат токму протоколите што се дел од преговарачката рамка, без да мора Софија репетитивно да ги наметнува

Уште едно навраќање на фактот дека протоколите во преговарачката рамка ги содржат сите бугарски барања

Наративот дека Бугарија нема да има никакви други барања кон Македонија освен оние што се предвидени со преговарачката рамка произлезе од официјална Софија како реакција на оправданите сомнежи од македонска страна дека впишувањето на Бугарите во македонскиот устав е само првиот чекор во низата обврски што ќе мора да ги спроведе земјава доколку не сака нови пречки на евроинтегративниот пат.
Бугарската официјална политика воопшто не се затскрива зад таквиот наратив, напротив, отворено кажува дека сè што е прифатено во преговарачката рамка е услов за Македонија да напредува во преговорите со ЕУ и од тоа нема отстапување.
– Бугарија нема нови услови и нема да создава нови услови. Но Бугарија го набљудува како пакет постигнатиот компромис од јули 2022 година. Тоа значи да се случат уставните измени и јасно да видиме дека се почитувани правата на Бугарите, не само во преамбулата на Уставот туку и во преостанатите два дела што се дадени. Да се почитува Договорот за добрососедство и да се почитуваат протоколите – изјави неодамна за бугарското радио Марија Габриел, вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија.

Во протоколите се условите

Изјавата на Габриел е повеќе од јасна, дека нема да има нови услови доколку се почитуваат протоколите што Бугарија вешто успеа да ги вметне во преговарачката рамка и со тоа сите позиции што се содржани во декларацијата усвоена во бугарското народно собрание, а со која најотворено се негираат македонскиот идентитет, јазик и историја, да станат услов за Македонија, без чие исполнување нема напред. Со други зборови, бугарските услови таксативно се наредени во протоколите и Македонија претходно ќе мора да добие бугарска заверка на секој протокол за да помине на следното преговарачко поглавје.
Пред некој ден дури и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој со месеци ширеше оптимизам и тврдеше дека уставните измени се последниот услов, почна да говори со поинаков, поприземен тон.
– За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања – изјави министерот Османи во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
И додека шефот на дипломатијата ја согледа реалната состојба во односите со Бугарија, сега премиерот е тој што почнува да шири оптимизам дека нема да има нови бугарски условувања.
– Доколку се придржуваме до преговарачката рамка, тогаш нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кого било, бидејќи сè е наведено во тој документ – рече премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Нејасно е зошто премиерот и натаму се оглушува на анализите на редица експерти за европски прашања во земјава, кои уште пред прифаќањето на „францускиот предлог“ јасно кажаа дека во преговарачката рамка не смеат да се содржат протоколи што ќе треба да ги одобрува Бугарија, бидејќи во тој случај земјава за влез во ЕУ во суштина ќе преговара со Софија, а не со Брисел.
– Повеќе од јасно е дека бугарската, сега преименувана во европска рамка, се очекува само да се проширува, но ние како држава и како јавност треба да реагираме на тоа, наместо да бидеме „кооперативни“, односно сервилни кон бугарските уцени. Ако Бугарија се задоволи само со вметнување на бугарското малцинство во Уставот, тоа не претставува проблем за македонските граѓани, кои во никој случај не се шовинисти и не ускратуваат ничии малцински права, но проблем е што бугарската страна ја користи секоја можност отворено да каже дека тие ќе инсистираат на исполнување на условите во преговарачката рамка, каде што се протоколите во кои всушност се кријат нивните главни барања во однос на Македонија – вели поранешната пратеничка од првиот македонски собраниски состав Ѓулистана Марковска.

Наместо ширење нереален оптимизам, соочување со реалноста и посветено
барање решенија

Според неа, не треба да се наседнува на изјавите што доаѓаат од домашните политичари, кои кажуваат дека Бугарија немало да поставува нови услови, туку тие треба да работат на она што е во најдобар интерес на државата и на граѓаните.
– Останува да сметаме дека нема да се усвојат уставните измени и бугарското малцинство нема да биде внесено во Уставот, а Владата конечно ќе дојде до заклучок дека оваа работа не оди на мускули. Потребно е иницирање нов процес во Собранието во чии рамки ќе се утврди потребата од носење целосно нов граѓански устав, на кој би работеле правни експерти подолго време и со кој ќе биде отсликано целосно нашето политичко милје, наместо сегашниот устав, кој се менува сега веќе седми пат за дневнополитички потреби – појаснува Марковска.
Коментирајќи го ретерирањето на министерот за надворешни работи Османи, кој прво беше оптимист дека Бугарија нема да испорачува нови барања, за сега да изразува „прилична убеденост“ дека Софија ќе излезе со дополнителни услови, Марковска смета дека шефот на дипломатијата е лагоден бидејќи бугарските уцени не ја засегаат албанската етничка заедница во земјава.
– Лефтерното однесување на нашиот министер за надворешни работи е бидејќи бугарските барања се однесуваат за македонскиот народ. Да беа Албанците, условно речено, „загрозени“, немаше ни да се разговара за тоа прашање. Не ми е намерата да алудирам на неговото етничко потекло, меѓутоа фактите тоа го потврдуваат. Во Шпанија лобираше за признавање на Косово, не ја дава потребната поддршка за македонското малцинство во Албанија сега кога се на удар на бугарските емисари за време на пописот во оваа земја, ниту, пак, алармира за злоупотребата со пасошите што ја прави Бугарија – нагласува Марковска.

Европски критериуми наместо протоколи во преговарачката рамка

Повеќе експерти во областа на евроинтеграциите немаат никаква дилема дека изјавите на домашните политичари за тоа дека Бугарија немало да испорачува нови барања се повеќе од несериозни и на некој начин се навреда на интелигенцијата на македонските граѓани.
– Бугарскиот претседател Радев отворено кажа дека внесувањето на Бугарите во Уставот е првиот чекор, комесарот за соседска политика Вархеи потврди дека ЕУ ги сфатила „сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес“, единствено нашиве уште наивно веруваат дека голготата ќе заврши со уставните измени. За жал, со нив само ќе почне и ќе нема крај. Кога инсистиравме да бидеме вклучени во дебатата за „францускиот предлог“, едноставно не ни беше дозволено. Имаше само средба од еден час на која премиерот Ковачевски и министерот Османи штуро појаснуваа што содржи предлогот и тоа подоцна го прикажаа како дебата со стручната фела. И тогаш јасно кажавме дека сè освен Копенхашките критериуми во преговарачката рамка ќе биде замка за земјава затоа што билатерален проблем со Бугарија, сега ни стана проблем со ЕУ. Која земја имаше протоколи во рамките на преговарачката рамка? Ниту една. Несериозно е да се седи на таа нога дека Бугарија нема да има нови услови бидејќи обврските што ги презема оваа влада прават штети по државата во иднина. Мора да се инсистира исклучиво на европските критериуми. Еве, Македонија нека инсистира да преговара според истата преговарачка рамка како Бугарија, да има некаков реципроцитет, без дополнителни протоколи и услови – заклучуваат повеќето експерти во делот на евроинтеграциите.