Во мошне силна конкуренција, наша единствена цел ќе биде освојување на најмалку осмото место, што ќе ни обезбеди пласман во Лигата на шампионите, велат од скопскиот клуб во пресрет на настапот во Светскиот куп. Во Европа покал (во Брчко) игра машката екипа на Вардар 2014, а во НБЦ-кипот (Славонски Брод) учествуваат машките екипи на Пелистер 1982 и ГТЦ Мусандра и женската екипа на Пелистер пин

КУГЛАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Кугларите на повеќекратниот македонски првак од вчера се во Апатин (Србија), каде што учествуваат на 34. Светски куп (СК), во конкуренција на 13 национални шампиони (се игра на шест патеки, се бодуваат поединечниот и вкупниот резултат). Вчера и денеска се квалификациските натпревари на кои настапуваат по тројца куглари од секоја екипа. Утре и задутре се полуфиналните дуели, а в сабота се натпреварите за бронзениот (9 ч.) и за златниот медал (13 ч.). Македонија во Апатин нема свој претставник во женска конкуренција, каде што ќе играат 11 екипи.
– Во мошне силна конкуренција, наша единствена цел ќе биде освојување на најмалку осмото место, што ќе ни обезбеди пласман во Лигата на шампионите – велат од скопскиот клуб.
Макпетрол последен пат настапи на СК во чешкиот град Бланско во 2017 година, кога го освои 10-то место во конкуренција на 14 екипи, притоа соборувајќи 3.461 кегла. Боите на Макпетрол во Апатин ги бранат Ибрахим Мемеди (тренер и играч), Младен Донковски (капитен), Сашо Трпковски, Дарко Марковиќ, Милош Радојичиќ, Игор Беличански, Владимир Даниловски, Душко Ајдин и Александар Младеновски.
На СК 2023 настапуваат и Посушје (БиХ), Клуж (Романија), Бул д’Ор (Франција), Белград (Србија), Конструктор (Словенија), Неункирхен (Австрија), Запрешиќ (Хрватска), Неумаркет (Италија), Рокисани (Чешка), Зербст (Германија), Трстена Старек (Словачка) и Сегед (Унгарија).
На 34-от Европа покал во Брчко (БиХ) играат 14 екипи, а меѓу нив и машката екипа на Вардар 2014. На 21-от НБЦ-куп, пак, во Славонски Брод (Хрватска), учествуваат машките екипи на Пелистер 1982 и на ГТЦ Мусандра, меѓу 26 екипи, како и женската екипа на Пелистер пин, во конкуренција на 17 клуба. Г.И.