Битола исполнета со гости како ретко кога во својата поблиска историја
Градот под Пелистер летово е исполнет со гости како ретко кога во својата поблиска историја. Најголемиот број од нив се наши иселеници од прекуокеанските земји, кои поради коронавирусот не можеа да патуваат, па сега ја искористија можноста да дојдат во стариот крај. Сепак, ваквата навалица на туристи откри низа проблеми и слабости што мора да се отстранат ако градот сака да привлекува гости во голем број и во иднина
Во овие летни августовски денови, кога најголемиот број битолчани се наоѓаат на годишен одмор во туристички центри надвор од Македонија, Битола е преполна од туристи. Популарната пешачка патека Широк сокак стана претесна да ги прими сите туристи што ова лето допатуваа во Битола и се „корзираат“ по неа, како дење, така и во вечерните часови.
Наспроти веќе „редовните“ туристи од Турција и соседна Грција, кои вообичаено ја посетуваат Битола, деновиве во градот под Пелистер е огромен и бројот на гости и туристи повратници од САД, Канада, Австралија…
Најголемиот број туристи се наши иселеници од Австралија и од Канада, кои поради строгите ковид-мерки за време на пандемијата, повеќе од три години не можеа да патуваат, па сега во огромен број дојдоа во Битола.
Според информациите од локалната самоуправа, во Битола и околните места ова лето престојуваат меѓу 25 и 28 илјади иселеници од Битола, кои „привремено“ живеат и работаат во САД, Канада, Австралија и во други претежно европски држави. Велат дека најмногу ги има од Австралија, од каде што ова лето во Битола допатуваа над 22.000 иселеници.
Големиот број на гости не ги израдува само туристичките работници во Битола туку и сопствениците на рестораните, кафулињата, хотелиерите, агенциите за издавање и купување станови…
Поради големиот број иселеници, овие денови во Битола тешко може да се дојде до слободно место во многубројните ресторани, кое сега можете да го обезбедите само доколку навреме резервирате. Но, и во таква ситуација, дури и да резервирате, голема е веројатноста да останете незадоволни од услугата. Имено, поради немањето доволно кадар од келнери и готвачи, во угостителските објекти сега работат млади и неискусни деца, од кои најголемиот број се ученици, и затоа на услугата се чека со часови, што предизвикува негодување кај гостите.
Од друга страна, зголемениот број гости го искористија угостителите драстично да ги покачат цените, па, така, сега во Битола цените на услугите во рестораните се слични на тие во Охрид.
Поради големиот број повратници од странство во Битола, и таксистите не знаат каде им е главата од работа. Има денови кога за такси се чека и по 40 минути, а неретко може да се случи и воопшто да не најдете до слободно такси.
Работа преку глава имаат не само угостителите, таксистите туку и фризерките, кои фризурите ги наплаќаат дури и по 7.000 денари, потоа шминкерките, ноктарките, салоните за убавина.
Зголемениот број на туристи од странство во Битола, особено на повратниците од прекуокеанските земји, им зададе доста проблеми и на хотелските работници, кои немаат слободен кревет. Поради тоа голем број туристи се сместуваат во приватни објекти, кои навреме ги резервираат. Таквата ситуација ги наведе битолчани сопственици на станови повеќе да не ги издаваат на подолг период туку на ден. Во Битола деновиве тешко може да се најде стан под кирија на подолг период. Сега слободните станови се издаваат како хостели на дневна основа, за по 35-40 евра на ден.
Туристичкиот водич Горан Пинза од Битола вели дека не памети во Битола некогаш да имало толкав број туристи.
– Ваквиот голем број на туристи се должи на тоа што иселениците од Австралија, кои беа долго време во „карантин“ поради пандемијата, сега можат слободно да патуваат каде сакаат и тие овој пат одлучија да се вратат во Битола за да се видат со своите. Ова лето Битола е буквално преплавена со наши повратници. Ако кон тоа се додадат и редовните туристи од Турција и од Грција, кои најчесто доаѓаат во Битола на еден ден или едно попладне, како и многубројните културни настани и фестивали, тогаш сосема е јасно зошто толку многу туристи има ова лето во Битола – вели Горан Пинза.
Но и покрај големиот број туристи што ја окупираа ова лето Битола, сепак кога станува збор за туризмот, градот под Пелистер не може да се пофали со некои големи активности за подобрување на туристичката понуда. На тој план особено малку се прави во развојот на планинскиот туризам на Пелистер, каде што дури по десет години деновиве почна обновата на „Копанки“, а детското одморалиште „Пелистер“, каде што порано вриеше од дечиња, сѐ уште е затворено и не работи. На Пелистер освен два-три угостителски објекти што работаат, другите или се огласени за продажба или се затворени.
Дека Битола недоволно му посветува внимание на развојот на туризмот како туристичка гранка е фактот што пред повеќе од 15 години е затворен туристичкиот информативен центар, место каде што требаше туристите одблиску да се информираат за сите атрактивни содржини што ги нуди градот. Имено, во јуни 2006 година во Битола беше отворен туристички информативен центар, проект финансиран од Светската банка, но по кратко работење тој беше затворен.
Исто така проблем во градот е што не се означени важните објекти што ги посетуваат туристите. На пример, нема информативна табла на куќата на Елени Каринте, која му беше голема љубов на Кемал Ататурк и која особено е атрактивна за турските туристи, кои не само во лето туку и преку целата година ја посетуваат Битола.
Во непосредна близина на Заводот и музеј со години е затворена и продавницата за продавање сувенири. Освен на две-три тезги на Широк сокак, во градот под Пелистер тешко може да се најде продавница каде што може да се купат сувенири.
Многу малку е направено за привлекување на туристите и во Старата битолска чаршија, која покрај Широк сокак, Музејот и Хераклеја, е најчесто посетувано места.
Да се очекува дека Битола ќе ги привлече туристите од странство само со препознатливата стара битолска архитектура е, во најмала рака, несериозно.
За колку-толку да се ублажи проблемот со немањето туристички информативен центар, во мај оваа година, пред стапувањето на летото, во Битола беше промовиран водичот за туристите. Водичот е во печатена и во електронска верзија и на туристите им е од голема помош. Водичот бесплатно може да се инсталира како апликација во мобилните телефони.
– Голем проблем со кој се соочуваме во последно време е тие што туроператорите ретко ги ангажираат локалните водичи, како и туристите што кратко се задржуваат во Битола со ноќевање. Фактот што туроператорите не ангажираат локални туристички водичи доведува до тоа некои „водичи“ што не го знаат ни минатото на Битола, на туристите лаички да им го објаснуваат големото културно историското минато со кое располага градот под Пелистер – вели туристичкиот водич Горан Пинза.
Големиот број гости и туристи што ова лето ја посетија Битола ја враќаат надежта дека Битола повторно станува препознатлива туристичка дестинација. Но годинашниот голем прилив на туристи не треба да ги залажува туристичките работници во Битола, бидејќи ваков прилив на иселеници од странство нема да има секоја година, туку треба локалната самоуправа заедно со туристичките оператори добро да размисли што ќе им понуди во иднина не само на странските туку и на домашните туристи.