Кафеава мечка во објективот на нашиот фотограф Горан Анастасовски

Зошто зачести појавата на влегување на диви животни во урбаните средини

Според експертите со кои разговаравме, дивите животни се спуштаат во планинските села, руралните места и планинарските домови пред сѐ поради отпадот од органска храна. На пример, доколку нема храна, и бројот на мечки што се зачестени неканети гости во руралните средини ќе се намали, односно тие нема да влегуваат во селата…

Последниов месец, а според нашите новинарски сондажи дури и последнава година, регистрирани се зачестени појавите диви животни да влегуваат во населените места. Сè почесто се спуштаат од планините, ги следат трагите на човекот. Ги има речиси во сите рурални средини, викенд-места, планински куќи, планинарски домови, а често излегуваат и на планински патишта и автопатишта. Со Диме Меловски од Македонското еколошко друштво, кој е раководител на програма за диви животни, разговараме за таквата појава и за нејзините потенцијални решенија. Според него, постојат барем три работи што ги предизвикуваат дивите животни, особено мечките, да се спуштат во населените места или местата каде што се движи човекот.

Неочекуван гостин, мечка, се симнала на пат меѓу струшки села

– Првата работа е што сè повеќе се узурпира просторот на дивите животни, кој им е природно живеалиште и нормално е дека ќе се движат во него. Сѐ повеќе се градат викенд-населби во планински места, сè повеќе има и инцидентни викендички, има и многу нелегални градби што никнуваат среде планина и буквално им се узурпира и смалува просторот на животните, кој секако им е мал и тесен за да се движат, функционираат, живеат. Колку што повеќе им заземаме толку почесто ќе ни се приближуваат. Инаку, од 1996 година, кога мечката се заштити со закон, бележиме пораст на популацијата мечки. Бројот е зголемен, па нормално е и почесто да се забележуваат. И третата најважна работа е фрлањето органски отпад во контејнерите во планинските населени места, како што е случајот со Галичник. Тие, привлечени од храната во контејнерите, се спуштаат и доаѓаат до контакт со луѓе. Тоа е случај особено со крупните месојади, како мечките, ама исто така тука се и свињите, лисиците. Исто така, тие ги следат трагите на човекот преку фрлање на органскиот отпад. Ако се фрла отпад на планински патеки, голема е веројатноста тоа да ја привлече мечката – вели Диме Меловски.

Проблемот со узурпирањето на живеалиштето на дивите животни може да се реши само со престанување на градење и ширење на човекот кон природното живеалиште на животните, но тука решението може да го спроведе само државата со поголема контрола. Додека за решавањето на проблемот со привлекувањето диви животни со фрлање органска храна можеме да се вклучиме сите ние што ги посетуваме руралните и планинските места.

Според него, најлесно можеме да се справиме со овој проблем со нефрлање органски отпад во контејнерите. Така нема да ги стимулираме мечките и другите животни да се спуштаат во населените места и да чепкаат во контејнер и да бараат храна.
– Апелирам до сите што престојуваат во рурални или планински места висококалоричниот отпад да го закопуваат, тоа го можат сите. Тука се остатоци од месо, коски… Додека отпадот од зеленчук и овошје да го фрлаат во дворче, со што ќе ја збогатат и почвата. Еве, конкретно ќе кажам за Галичник. Доколку жителите, а особено угостителските објекти не складираат органски отпад во контејнерите со почетокот на новата сезона напролет, би требало мечките да се намалат. Затоа што, пак ќе речам, тие доаѓаат по остатоците храна, затоа што знаат дека има. Вака и сликата на селото станува многу лоша, со расфрлан отпад насекаде. И плус е небезбедно. Порано во секое време слободно можеше да шеташ, сега не се чувствуваш безбедно – додава тој.

Како што нè информира тој, со Македонското еколошко друштво подолго време бараат решение за овој проблем и планираат во неколку вакви населени места каде што се забележани мечки да се постават канти што мечката не може да ги отвора или канти што прскаат пепер-спреј. Тие веќе се тестираат во Грција, па следен чекор на МЕД е да ги пробаат и кај нас.
– Забележан и е контакт на луѓе со мечки во ваквите места, засега мечките се плашат повеќе од луѓето и бегаат, но никогаш не знаеш што може да биде. Може да се случи и несреќа. Затоа подобро е побрзо да се реагира – апелира тој.

Кога станува збор за почестите случаи на диви свињи што излегуваат на автопат, а и сите други шумски животни тој исто така дополнува дека појавата е забележана пред сѐ на планински патишта што се изградени во нивното живеалиште и нормално е дека тие тука се движат. Доколку има тунел или вијадукт, би поминале низ него, но во спротивно немаат опција освен низ патот или автопатот.
– И доколку се вози побрзо, настануваат несреќи – додава Диме Меловски.