Фото: Архива

На Денот на рударите гласен апел за потребата од нова развојна стратегија за рударството

Учеството на рударската индустрија во вкупниот бруто-домашен производ (БДП) на земјата се движи околу два процента, што е релативно скромно во споредба со високоразвиените индустриски земји, каде што придонесот на рударството во вкупната економија е многу поголем. Но трендот на деиндустријализација што е присутен во нашата земја во изминативе три-четири децении не го заобиколи ниту рударството. Ваквиот тренд имаше влијание врз неговиот реален развој, кој е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка, нагласуваат во Македонската асоцијација за рударство (МАР)

Македонското рударство во изминатите неколку години докажува дека е витална индустриска гранка, која успеа самостојно, без конкретна поддршка од државата, да ги надмине предизвиците и да продолжи со одржливиот развој. Меѓутоа, неколкугодишната економска и енергетска криза уште повеќе ја акцентира потребата од итно обновување на националната развојна стратегија на рударството, која има значителен удел во создавањето на македонскиот БДП. Главните носители на рударското производство во земјата, по повод прославата на Денот на рударите во Македонија, го актуализираа барањето дека е „крајно време конечно да се утврди насоката во која треба да се движи рударството“! Особено што во последните дваесетина години во нашата земја не е отворен ниеден нов рударски капацитет, додека во исто време во јавноста се создава генерално „негативна атмосфера“ околу поттикнувањето и поддршката на нови инвестиции (се разбира дека оние што не одговараат на стандардите не треба ни да се размислуваат за концесии), во откривањето и експлоатацијата на нови рудници за вадење нови рудни богатства и нивна преработка во домашни услови.

Учеството на рударството во структурата на вкупното индустриско производство на земјава во изминативе неколку години се искачи над 11 проценти, што е показател дека оваа индустриска гранка располага со потенцијал за натамошен раст. Извозот во овој сектор традиционално секоја година надминува 200 милиони долари, од кои над 75 отсто отпаѓа на извоз на метални руди. Минатата година, и покрај сите познати предизвици поврзани со енергетската криза и геостратегиските влијанија врз вкупната глобална економија, домашната рударска индустрија забележа раст на извозот за 17,9 отсто, надминувајќи вредност од 280 милиони долари. Високите цени на електричната енергија на регионалните берзи во текот на 2022 година влијаеја на зголемување на оперативните трошоци на рудниците и беа основната причина за привременото запирање на работните процеси во некои домашни рудници. Но, сепак, рударскиот сектор, особено поголемите рудници што располагаат со поголеми можности и финансиска поддршка од своите инвеститори, успеаја да ги издржат ваквите предизвици, да се приспособат на новата ситуација и да продолжат со реализација на своите развојни планови. Сепак, влијанието на економската криза врз индустриското производство се гледа и низ податоците на Државниот завод за статистика за јуни 2023 година. Во овој месец е забележан пад од 1,6 отсто во однос на истиот месец минатата година. Најголем пад има кај вадењето јаглен и лигнит за 59 отсто, додека растот во јуни во секторот на вадење камен е 36,7 отсто. Мало намалување од 2,6 отсто има кај бројот на вработени во рударството, но позитивен податок е тоа што просечните плати на вработените се значително повисоки од оние во другите индустриски гранки.

Македонскиот домашен рударски сектор директно креира 8.000 работни места, покажуваат податоците на Македонската асоцијација за рударство. Бројот на активни деловни субјекти во оваа дејност во последните години бележи тренд на пораст, при што максималниот број на активни компании бил забележан во 2019 година и изнесувал 221.
– Најголем дел од овие компании се микрокомпании до десет вработени. Само два процента од активните рударски компании во земјата, или вкупно четири рудници, се вбројуваат во категоријата средни компании, а дополнително уште четири рудници спаѓаат во категоријата големи рудници со над 250 вработени по рудник. Најголемите македонски рудници се рудниците за метали што се лоцирани во источниот дел од земјата и имаат најголемо учество во обемот на производство и прометот во овој сектор. Сепак бројот на вкупно работно ангажирани луѓе во овој сектор е многу поголем, со оглед на тоа што рударските компании, особено поголемите, соработуваат со голем број локални компании и доставувачи на различни видови добра и услуги, со што вкупниот број на луѓе и семејства што остваруваат приходи од работата во домашната рударска индустрија е многу поголем, а рудниците на одреден начин се двигатели на целокупниот економски и социјален развој на голем број општини и цели региони во нашата земја – вели претседателот на МАР, Ивица Талевски, кој е втор човек во рудникот Саса – Македонска Каменица.

Македонскиот рударски сектор директно креира 8.000 работни места, покажуваат податоците на Македонската асоцијација за рударство. Бројот на активни деловни субјекти во оваа дејност во последните години бележи тренд на пораст (максималниот број на активни компании бил забележан во 2019 година и изнесувал 221)

Рударството има значаен придонес и во вкупните директни инвестиции во нашата земја. Во 2018 година тој изнесувал 11,4 проценти, а во 2020 година достигнал дури 30,7 отсто од вкупните директни инвестиции што пристигнале во земјата. Инаку, учеството на рударската индустрија во вкупниот бруто-домашен производ (БДП) на земјата се движи околу два процента, што е релативно скромно во споредба со високоразвиените индустриски земји, каде што придонесот на рударството во вкупната економија е многу поголемо. Но, трендот на деиндустријализација што е присутен во нашата земја во изминативе три-четири децении не го заобиколи ниту рударството. Ваквиот тренд имаше влијание врз неговиот реален развој, кој е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка – нагласуваат во МАР.

За поранешниот извршен директор на „Бучим“ и долгогодишен претседател на МАР, Николајчо Николов, актуелната негативна кампања е погубна, ако се има предвид фактот дека рударството сѐ уште е значителна стопанска гранка во државата.
– Има голема стагнација и смален интерес кај инвеститорите и за одбележување е фактот дека за последните 40 години во нашата земја е отворен само еден нов рудник – Боров Дол, кој претставува површински коп и продилжување на векот на работата на Бучим за минимум десет години, каде што се преработува бакарната руда – вели Николов.

Според него, од круцијална важност е со обновување на стратегијата за оваа гранка да се утврдат стратегиите за земјоделството, за на тој начин да се расчистат дилемите што е поважно за економскиот развој на некои региони во земјата. Неопходно е да се актуализира и прашањето за отворање ново министерство за енергетика, рударство и металургија, бидејќи, како што вели, постојното Министерство за економија е премногу кабасто и тромо во својата работа. М.Ј.