Фото: Архива

Временските неприлики го девастираа годинашниот род на земјоделците

Силните дождови и високите температури се причина кај поголем дел од земјоделските култури (одгледувани на отворено) да се појави и до 100 отсто оштетување. Во тој контекст, Националната мрежа на земјоделци бара од надлежните и државата да прогласат – елементарна непогода!

Земјоделците предупредуваат дека годинава ќе имаме намален род на грозје, а со лош квалитет ќе бидат оризот, пченицата, ресенското јаболко.
– Поплавите и поројните дождови со град им нанесоа катастрофални штети и болести на растенијата. Веднаш потоа имавме енормно високи температури, кои дополнително ги отежнаа условите за производство. Сега сме сведоци на сериозни оштетувања, кај некои култури има забележано од 50 до 100 отсто. Земјоделците се наоѓаат во една многу деликатна ситуација. Буквално не можат ни да ја поминат сезоната – изјави Горги Каракашев, претседател на Националната мрежа на земјоделци.

Освен прогласување елементарна непогода, земјоделците од ова здружение до Владата доставија листа со осум барања, кои доколку се реализираат, значително ќе се подобри ситуацијата во македонското земјоделство. Тие бараат усогласување на цените, како и ослободување од плаќање воден надоместок за оваа година, производствени цени за сите култури, а оризот да стане стратегиска култура.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од оваа година откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат 3.254.746 денари и во однос на истиот период од претходната година се намалени за 3,4 отсто. Значително намалување е забележано кај млечните производи за 76,7 отсто. Е.Р.