Археолошките истражувања покажуваат дека поречкото село Модриште изобилува со богати наоѓалишта. Меѓу нив е и „Св. Богородица“, археолошко наоѓалиште, односно црква од средниот век. Се наоѓа на влезот од селото веднаш до Треска. Наоѓалиштето, всушност, се темелите на самата црква „Св. Атанасиј“, која е заштитена со закон. Друго наоѓалиште е т.н. Во Селото, населба и некропола од доцноантичко време. Се наоѓа во самото село, односно при изградбата на селските куќи се откриени темели од стари објекти и повеќе питоси

Знаменитостите на Македонија

Модриште е село во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод. Атарот зафаќа простор од 13,7 квадратни километри, а на него преовладуваат шумите на површина од 1.063 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 28 хектари, а на пасиштата само 17 хектари. На приодот кон селото од исток тече Модришка Река, помеѓу возвишенијата Варошки Присој и Куклаица, па се влева во Треска веднаш лево од патот.
Во османлиските пописни дефтери од 1467/68 година се споменува како дел од Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova). Според овие податоци, во селото имало 15 семејства, еден неженет и една вдовица, сите христијани. Во 19 век, Модриште било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство. Според информациите на бугарскиот статистичар и етнограф Васил К’нчов објавени во „Македонија. Етнографија и статистика“ во 1900 година, во селото Модриште имало 165 жители, сите Македонци. Според податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев, објавени во 1905 година, во Модриште имало 144 жители.
Според преданијата, родови во селото се: Крстевци (6 к.), доселени се од селото Крапа, не се знае од каде е доселен родот во Крапа затоа што криел нивниот предок што се доселил; Стојковци (5 к.), доселени се од Старо Село, каде што му припаѓале на родот Дапковци, кој таму бил староседелски; Јандревци (4 к.), доселени се од селото Велмевци, Железник; Десовци-Бислимовци (3 к.), доселени се од Манастирец, таму му припаѓале на родот Шкорлевци, кој бил доселен од околината на Скадар; Митановци (1 к.), доселени се од селото Велмевци, Железник; Ѓуровци (1 к.), доселени се од Старо Село, каде што му припаѓале на родот Чикировци, кој таму бил доселен од селото Крапа; Војневци (1 к.), доселени се од Старо Село, таму му припаѓале на родот Милошевци.


Археолошките истражувања покажуваат дека поречкото село Модриште изобилува со богати наоѓалишта. Меѓу нив е и „Св. Богородица“, археолошко наоѓалиште, односно црква од средниот век. Се наоѓа на влезот од селото веднаш до Треска. Наоѓалиштето, всушност, се темелите на самата црква „Св. Атанасиј“, која е заштитена со закон. Друго наоѓалиште е т.н. Во Селото, населба и некропола од доцноантичко време. Се наоѓа во самото село, односно при изградбата на селските куќи се откриени темели од стари објекти и повеќе питоси. Некрополата е пронајдена на источната периферија на селото, каде што се откриени неколку гроба градени од големи камени плочи. Исто така, во селото се пронајдени и повеќе монети што се чуваат кај жителите.
Треба да се спомене и Падиште, населба од доцноантичко време.

Се наоѓа источно од селото, на високо зарамнето плато, кое зафаќа поголема површина, каде што се гледаат темели од објекти и многу грамади од кршен камен. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и покривни ќерамиди. Неколку питоси се чуваат кај сопствениците на нивите.
Со поречкото село Модриште е поврзано и наоѓалиштето Кале, градиште од доцноантичко време. Се наоѓа на 2 км од селото, на еден висок рид на десниот брег на Голема Река (Треска), кој стрмно се спушта кон речното корито. На зарамнетиот врв, со простор од 100 × 50 м, се гледаат темели од бедем граден од камен и варов малтер. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, покривни ќерамиди и множество друг градежен материјал.