Кинеската регулаторна управа за сајбер-простор објави нацрт-правила за следење на употребата на технологијата за препознавање лица, бидејќи по широката употреба на оваа технологија низ Кина со сеприсутните камери за надзор јавноста изрази загриженост за нејзината прекумерна употреба и нарушување на приватноста на граѓаните.
И покрај воведувањето строги мерки за заштита, новите прописи дозволуваат исклучоци за користење на оваа технологија во врска со националната безбедност, пишуваат светските медиуми.

Заострување на прописите

Кинеската управа за сајбер-простор неодамна објави дека според новите правила, технологијата за препознавање лица ќе може да се користи за обработка на информации за лицето само кога има одредена цел и доволна потреба и со строги заштитни мерки.
Биометриската идентификација, особено препознавањето лица, стана широко распространета во Кина, пренесува „Ројтерс“.
Новите правила за ограничување на употребата на технологијата за препознавање лица се предложени поради напорите на Пекинг да ја заостри регулативата за податоци преку издавање низа правила и закони.
Најважниот чекор во ова, Кина го направи кога во 2021 година го воведе првиот закон што се фокусира на приватноста на корисниците, Законот за заштита на личните податоци, во обид да ги спречи компаниите во прекумерна употреба на кориснички податоци.

Регулирање на напредната технологија

Предложените правила ја приближуваат позицијата на Кина за приватната и комерцијалната употреба на препознавањето лица до западните норми, вклучувајќи ги правилата предложени од Европската Унија и локалните власти во САД, пишува „Вол стрит џрнал“, укажувајќи дека сè уште се оставени исклучоци за употребата на оваа технологија во врска со националната безбедност, што е заедничка карактеристика на кинеските прописи за податоци и безбедност.
Предлогот, додава американскиот весник, е последен во серијата потези на кинеската влада да постави ограничувања за тоа како компаниите ги користат податоците и вештачката интелигенција, ставајќи ги во првите редови на глобалните обиди за регулирање на напредната технологија.
Употребата на препознавањето лица во Кина е во пораст во последните седум години, со можност за користење на лицата за идентификација во трговски центри, деловни згради, аеродроми и хотели. Кинеските потрошувачи можат да изберат да го користат своето лице за да платат предмети во некои продавници, да влезат во згради и да го проверуваат идентитетот пред да се качат во авион.
Надзорните камери се сеприсутни во многу кинески градови, а некои од најголемите кинески компании што нудат препознавање лица развија партнерства со локалната полиција за да ја обезбедат технологијата за безбедносни цели, која, според „Вол стрит џрнал“, вклучува не само следење криминалци туку и дисиденти, етнички малцинства и други за кои Владата смета дека ја загрозуваат националната безбедност.
Технологијата е исто така во центарот на меѓународната критика на Пекинг поради неговиот третман кон етничките малцински групи во северозападниот регион Синџијанг, каде што кинеската влада водеше кампања за присилна етничка асимилација на муслиманите. Кина ги отфрла критиките, велејќи дека води кампања за спречување на тероризмот во Синџијанг.
Воведувањето паметни камери беше дочекано со ентузијазам или рамнодушност од многумина во Кина како нова технологија во секојдневниот живот, но кинеските лидери се соочија со незадоволство поради широката употреба на препознавањето лица. Истражувањето на јавното мислење од 2019 година за препознавање лица од страна на центарот за заштита на лични податоци „Нанду“ покажа дека обичните Кинези сѐ повеќе се загрижени за протекување на нивните лични податоци поради недостиг од безбедност на податоците.

Препознавање лица во јавни тоалети

Кина одлучи да ја ограничи технологијата за препознавање лица по бурните реакции на јавноста и зголеменото противење камерите да се инсталираат дури и во јавните тоалети за да се активираат автоматите за тоалетна хартија, пишува „Тајмс“.
Критичарите изразија загриженост не само за нарушување на приватноста туку и за потенцијалот технологијата да се користи за надзор во корист на авторитарниот кинески режим.
Неколку кинески компании за препознавање лица и надзор, вклучувајќи ја и државната „Хиквижн“, се наоѓаат на списокот со санкции на САД поради нивната наводна улога во репресијата на режимот.
Компанијата „Сенс тајм“ беше ставена на слична црна листа во 2019 година за користење на својата технологија за масовен надзор во Синџијанг, каде што членовите на муслиманското малцинство Ујгури се соочуваат со прогон.
На саемот за индустрија во Пекинг во јуни, неколку компании открија производи за кои рекоа дека можат да идентификуваат „непожелно“ однесување и да скенираат лица од повеќе од 100 метри.