Роботите за испорака на храна и намирници се покажаа како брз и ефикасен начин за достава до клиентите, но сега се појави сериозен проблем. Многумина влегоа во бизнисот со роботи за доставување, а меѓу нив е и компанијата „Болт“, која во јуни оваа година објави дека ќе почне да доставува храна до вратите на клиентите во Талин користејќи ја својата флота од автономни роботи. Овој проект е резултат на партнерство со „Старшип текнолоџис“, која во 2019 година ја прошири својата флота од автономни роботи за испорака на храна на колеџите низ САД.
Меѓутоа се појавија компликации бидејќи роботите станаа цел на вандали, кои ги ограбуваа овие ефикасни машини. Овој проблем му се заканува на бизнисот бидејќи рестораните и продавниците треба да ја надоместат штетата. Претходно овој месец се појавија видеа на кои се гледа како вандали ги удираат и ги отвораат роботите во обид да ги украдат пакетите што ги транспортираат или само да ги уништат. За среќа на рестораните и продавниците во САД, тие се обесштетуваат во случај на кражба.
– Мораме повторно да ја приготвиме храната, но добиваме надомест за тоа. Можам да видам како компаниите за испорака страдаат поради тоа, особено затоа што роботите се мошне скапи – изјави за КТЛА5 Стив Авила, генерален директор на „Блу џем кафе“ во Холивуд.
„Сервер роботс“, компанија за изнајмување роботи во западен Холивуд, тврди дека и покрај вандализмот, сепак има 99,9 проценти успешна стапка на испорака.
Други компании, како што е гореспоменатата „Старшип текнолоџис“, имплементираа неколку заштитни мерки за да ги обесхрабрат вандалите и да го решат проблемот со кражбите.
– Ако некој се обиде да ги блокира роботите, тие ќе се обидат да го избегнат или учтиво ќе побараат од него да се оддалечи. Доколку ситуацијата ескалира или некој го допре роботот, ќе се огласат силни сирени и сите инциденти ќе бидат пријавени. Нашите роботи се постојано заклучени и опремени со 12 камери – соопштија од компанијата.
Причините за вандализам можат да бидат различни, некои луѓе се лути затоа што чувствуваат дека роботите им ја земаат работата. Машините се сè поагилни и поефикасни и можат да заземат повеќе и повеќе позиции од луѓето. Поради ова, некои се загрижени за својата работа и егзистенција, додека други веруваат дека со кражба ќе добијат бесплатен оброк. Без оглед на причината за нападите, тие треба да се спречат по секоја цена.
Властите би можеле да воведат строги казни и евентуално затворски казни за неовластена употреба на машините, што би можело да ги одврати вандалите и да ја обезбеди испораката на храна и намирници.