Најмалку 16 лица загинаа, а 13 работници се повредени во експлозија во фабрика за железо и челик во турскиот индустриски град Алиага, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Од повредените, двајца се во потешка здравствена состојба. Ердоган, кој ја соопшти информацијата во Анкара, потврди дека надлежните институции започнале истрага за несреќата.
Спасувачките екипи во текот на денот ги пребарувале урнатините во потрага по евентуално затрупани работници. Засега нема потврда дали под урнатините сè уште има исчезнати лица, пренесе ДПА.
Според информациите од канцеларијата на гувернерот на Измир, несреќата се случила доцна претпладнето, кога кран се откачил и паднал во индустриска печка за време на процесот на леење.
Градоначалникот на Измир, Џемил Тугај, преку објава на социјалната мрежа „Икс“ посочи дека конечниот број на загинати и повредени ќе биде познат дури по целосното расчистување на урнатините.
Алиага е еден од најзначајните индустриски центри во Турција, каде што се наоѓаат капацитети за рециклирање бродови, нафтена рафинерија, хемиски фабрики и челичарници.































