Реферат

(Пократок текст од рефератот на темата „Канонот Рацин“ изложен на научен собир, кој опфати предавања посветени на јазичните, книжевните и културните врски помеѓу македонскиот и хрватскиот народ.
Целата активност e реализирана под палката на студиската програма по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово, поттикнато и потпомогнато од Македонско-хрватското друштво од Тетово)

Сè повеќе се напушта тезата за влијанието како „надворешен приод“ за сметка на внатрешниот приод кон делото, според кој самото дело е во епицентарот на книжевната наука. На ова се надоврзува и идејата на Умберто Еко за „делото ‘отворено’ за дијалог“. Еко воведува и една нова категорија – дело во движење, кое се карактеризира со повик или апел упатен до читателот, кој преку своето читање треба да го создава делото заедно со авторот. Од овој аспект стиховите на хрватските поети Антун Бранко Шимиќ, Аугуст Цесарец, Мирослав Крлежа, но и на бугарскиот поет Гео Милев, се дело во движење за нашиот Кочо Рацин со кои станува рамноправен член на еден своевиден југословенски, па и јужнословенски експресионизам, за кое пишувам и во својата книга „Рацин и експресионизмот“. (Скопје: 2000).
Она што е многу силен предизвик е поврзаноста (духовна, пријателска, партиска, уметничка) што Рацин ја има особено со Хрватска и особено во неговата реакција на неговиот т. н. поетски татко (претходник) манифестирана преку категоријата креативна корекција (читањето на песната-родител од страна на вториот поет, на следбеникот). Така што таа негова поврзаност ќе остави многу подлабоки траги во хрватската културна оставнина. Долг е списокот и на сите оние што биле во контакт со Рацин, како и на оние што го импонирале, го инспирирале, го подучувале, како Мирослав Крлежа, Аугуст Цесарец, Огнен Прица, Антон Колендиќ, Штеф Хрчиќ, Станко Вугринец, Стеван Галогажа, Златко Прица, Јуре Каштелан. Сето ова укажува едно. Дека кругот на неговите пријатели, и тоа првенствено литерати, е навистина голем. Од друга страна, ако се согледа во целост Рациновиот творечки опус, нè запрепастува фактот дека тој главно е објавен токму во Хрватска. Некои од тие трудови како: расказот „Во каменоломот“, кој победува на книжевниот натпревар на загрепското списание „Literatura“ (Zagreb: 1932, god. II, бр.1, 36-39), или песната „До еден работник“ како прва песна објавена на македонски јазик во април 1936 година, во загрепското списание „Književnik“ и особено поетската збирка „Бели мугри“ (Самобор: 1939), како прва објавена збирка на македонски јазик, но и визионарскиот манифест за раѓањето на новата македонска книжевност под наслов „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ (Radnički tjednik. Zagreb: god. I, br. 23, 25 listopad 1940, 5-6), сите тие се од исклучителна важност за развојот на македонската книжевност, и тоа од повеќе аспекти (книжевно-историски, уметнички, јазички и теориски). Во овој контекст треба да се спомене и критиката за Рациновите „Бели мугри“ поместена во литературното списание „Современик“ (Savremenik, br. 2, 15 siječanj 1940 г.), објавена на 63-та страница, а напишана од страна на Иво Козарчанин (хрватски книжевник, поет, новелист, романописец и критичар). Значењето на оваа критика не е само зашто е прва туку и зашто е најквалитетна и најопширна критика во која Козарчанин се покажува како извонреден аналитичар. Имено, тој во неколку реченици (значи многу синтетички, збиено, но крајно прецизно) успева да навлезе во суштината на самата збирка и да ги дефинира нејзините темелни и квалитетни одредници.

Секако за македонската научно-литературна мисла е интересно можното влијание на Крлежините „Баладите на Петрица Керемпух“, особено во доменот на Рациновото свртување кон македонскиот јазик. Радомир Ивановиќ смета дека воопшто не е случајно тоа што првата Рацинова песна на македонски јазик „До еден работник“ е објавена истата година (1936) кога и овие Крлежини балади. Горан Калоѓера смета дека најверојатно Крлежините балади му помогнале (па дури и го охрабриле) нашиот поет да потврди некои од своите поранешни размислувања и концепции за тоа во кој правец треба да се движи неговото идно пишување. Излегувањето од печат на ова Крлежино дело пишувано на кајкавскиот говор, за Рацин претставува потврда дека и македонскиот народен јазик може да се користи како јазик на уметничкото комуницирање. Или во овој храбар потег на Рацин може да се препознае и идејата за потребата да се роди еден модерен јазик, јазик што треба да се исчисти за да се добие чист идентитет. Затоа и влијанието на овие балади треба да се гледа токму во Рациновото свртување кон македонскиот јазик како јазик на кој потоа ќе ја напише и својата збирка „Бели мугри“. Тоа е збирката со која ќе се удрат темелите на современата македонска поезија.
Кочо Рацин е канон. Тој со помош на креативната корекција што е манифестирана преку напуштањето на поетиката на експресионизмот и ослободувањето од српскохрватскиот јазик се издигнува во канон. Подврда за Рацин како канон во македонската современа литература претставува и влијанието во еден обратен правец т.е. влијанието што тој ќе го изврши врз хрватскиот поет Јуре Каштелан, кој во 1948 година ја објавува книгата „Македонски народни песни“ (Makedonske narodne pjesme. Zagreb: 1948). Таа претставува прв повоен препев на македонската народна поезија на хрватски стандарден јазик. Скромен по својата природа, тој отворено кажува дека во преводите му помагала македонската поетеса Цвета Органџиева, а изборот го прави според книгата „Збирка на македонски народни песни“ објавена во Скопје под редакција на Блаже Конески. Самиот приредувач е свесен дека македонската уметничка поезија се развива врз богатиот фундус на народната литература, а неговиот интерес за македонската народна литература датира од времето на неговите средби со Рацин во Загреб. Токму и тие контакти се објаснети од страна на Горан Калоѓера во текстот „Каштелановиот долг кон Рацин“ од неговата книга „Рацин во Хрватска“ (Racin u Hrvatskoj. Rijeka: Hrvatsko filološko društvo, 2000, 70-75).

Но, за првпат, Антун Барац им го свртува вниманието на Хрватите кон Рацин со скромниот приказ од неколку реченици во неговата книга „Југословенска книжевност“, сместувајќи го нашиот поет во поглавјето „Најважните претставници на југословенските книжевности меѓу двете војни“, каде што друштво му прават еден Мирослав Крлежа, Иво Андриќ и Прежихов Воранц.
Така и ова мое денешно обраќање се обидува врз сознанијата од некои претходни филтрирања и центрифугирања уште еднаш да ги покаже големината и значењето на Рациновото дело и секако да провоцира и поттикнува нови читања и проучувања. Ако тргнеме од сфаќањето дека канонот не ја кажува вистината за една книжевност, туку само нејзината извесност, тогаш и појавата Рацин во македонската култура е потврда за таа нејзина извесност. Што значи слободно можеме да кажеме: Го имаме Рацин, кој е всушност канон, значи дека постоиме како култура, како јазик, како нација!

Весна Мојсова-Чепишевска