Зголемен број инспекциски контроли за откривање непријавени работници и нерегистрирани бизниси, намалување на родовиот јаз во платите и усогласување со европските стандарди се дел од резултатите во работењето на Министерството за економија и труд, на кои се осврна министерот Бесар Дурмиши.
Како што објави Дурмиши на својот Фејсбук-профил, според Извештајот на Европската комисија, инспекциските контроли за откривање непријавена работа и нерегистрирани бизниси се зголемени за над 20 проценти во споредба со 2024 година.
Министерот нагласи дека непријавената работа ги остава работниците без законска заштита и создава нелојална конкуренција за компаниите што ги исполнуваат своите обврски. Тој најави дека покрај поедноставувањето на процедурите за легално вработување, ќе продолжат и контролите за откривање и санкционирање на прекршувањата.
Дурмиши посочи и дека е забележан напредок во намалувањето на родовиот јаз во платите, кој, според извештајот, се намалил од 14,5 на 12,3 проценти.
Осврнувајќи се на стандардизацијата, министерот информираше дека Институтот за стандардизација досега усвоил 25.230 европски стандарди, односно повеќе од 99 проценти од стандардите на CEN/CENELEC.
Според него, примената на европските стандарди им овозможува на домашните компании полесно да ги исполнуваат барањата на европскиот пазар и да го подобруваат квалитетот на своите производи.
Дурмиши порача дека Министерството ќе продолжи со активностите за заштита на работниците, подобрување на деловното опкружување и усогласување на домашното стопанство со европските стандарди.






























