ФУДБАЛ

  • Со двете преостанати кола ќе се заокружи групната фаза сезонава во Лигата на нациите, по што следуваат дуелите за титулата, за опстанок и за пласман во повисок ранг. Лигата на нациите за изданието во сезоната 2028/2029 преминува во нов систем, со три лиги, наместо сегашните четири, во кои ќе има по 18 репрезентации

Македонската фудбалска репрезентација неделава ќе се подготвува за дуелот в петок со селекцијата на Шкотска на гости, а потоа во Скопје ќе ја пречека репрезентацијата на Словенија в понеделник, во петтото и во шестото коло во Лигата на нациите, во трката за опстанок во лигата Б. По четири кола во групата 1 во лигата Б води Швајцарија со 12 бода, а потоа се Словенија со седум бода, Шкотска со четири и Македонија без бодови. Селекторот Гоце Седлоски повика 26 фудбалери за овие два меча.
Со овие две кола ќе се заокружи групната фаза од петтата сезона на Лигата на нациите, по што следуваат дуелите за титулата, за опстанок и за пласман во повисок ранг.
По групната фаза, најдобрите две репрезентации од секоја од четирите групи во лигата А ќе се пласираат во четврт-финалето, кое на програмата е во март 2027 година. Домаќинот на фајналфор-турнирот уште не е одреден. Во моментов пласман во четврт-финалето обезбедија две селекции што претходно го освојуваа трофејот во Лигата на нациите, актуелниот европски и светски шампион Шпанија (победи во 2023 година) и актуелниот победник на Лигата на нациите, Португалија (славеше во 2019 и во 2025 година).
Лигата на нациите за изданието во сезоната 2028/2029 преминува во нов систем, со три лиги, наместо сегашните четири (А, Б, Ц и Д), во кои ќе има по 18 репрезентации, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Тоа ќе биде нова промена на форматот на ова континентално фудбалско натпреварување. Лигата на нациите почна со сезоната 2018/2019 со четири лиги, со по 12 селекции во лигите А и Б, 15 во лигата Ц и 16 во лигата Д. И во следните три сезони имаше по четири лиги, но играа по 16 репрезентации во лигите А, Б и Ц и шест или седум во лигата Д.
Во новата лига А ќе играат учесниците во четврт-финалето од сезонава, двете највисокорангирани третопласирани селекции, четирите победници на групите во лигата Б и четирите победници на плејофот, во кој ќе настапат двете најнискорангирани третопласирани и двете највисокорангирани четвртопласирани во групите во лигата А, како и четирите второпласирани од групите во лигата Б, пишува УЕФА.
Лигата Б, пак, ќе се состои од двете најнискорангирани четвртопласирани селекции од лигата А, потоа третопласираните селекции во групите во лигата Б од сезонава, победниците на групите во лигата Ц, поразените од плејофот за пласман во лигата А, како и победниците на плејофот за пласман во лигата Б, во кој ќе настапат четвртопласираните репрезентации во лигата Б и второпласираните во лигата Ц.
Во лигата Ц ќе играат сите шест селекции што сега се во лигата Д, потоа поразените од плејофот за пласман во лигата Б, како и третопласираните и четвртопласираните репрезентации од лигата Ц.
Се очекува сезонава на Лигата на нациите да биде поврзана со квалификациите за пласман на европско првенство, откако врз основа на резултатите во Лигата на нациите, на некои репрезентации ќе им се даде втора шанса да влезат во плејофот за пласман на Европското првенство во 2028 година во Обединетото Кралство и во Република Ирска, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.


ЛИГА Б, ГРУПА 1

Шкотска – Македонија петок, 20.45 ч.
Словенија – Швајцарија петок, 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Швајцарија 4 4 0 0 11-1 12
Словенија 4 2 1 1 5-3 7
Шкотска 4 1 1 2 3-5 4
Македонија 4 0 0 4 0-10 0