Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Криво рало“ од Итамар Виеира Јуниор, која сликовито ги прикажува културата, обичаите, верувањата, како и тесната поврзаност со земјата и природата, но и нееднаквоста и неправдите на кои биле изложени овие луѓе. Нивното освестување за барање на своите права е претставено многу нежно и едноставно, преку приказната за две сестри во хациендата „Црна вода“, Бибијана и една година помалата Белонисија.
Сè започнува со детска игра во која се случува несреќа со ножот скриен во бабиниот куфер, поради која едната сестра останува нема, а другата се претвора во нејзиниот глас, поврзувајќи се на необичен начин. Со текот на времето, сестрите се оддалечуваат. Белонисија останува, а Бибијана го напушта родителскиот дом, се мажи и станува мајка. Но судбината повторно ќе ги спои во хациендата…
„Криво рало“ е прекрасна приказна во која мајсторски се спојуваат лириката, магијата и реалноста. Книгата е објавена со поддршка од Специјалниот секретаријат за култура при Министерството за туризам на Бразил/Фондацијата Национална библиотека и Министерството за надворешни работи. Добитник е на „Лежа“, португалска книжевна награда основана во 2008 година. Наградата се доделува секоја година за најдобар необјавен роман на португалски јазик. Победникот добива 100.000 евра, што ја прави една од најбогатите книжевни награди во светот.
Итамар Виеира Јуниор (1979) е бразилски писател и географ. Поседува докторат по етнички и африкански студии. Дебитира со збирка раскази за која ја освојува наградата „Уметност и култура“. За романот „Криво рало“ ја добива најпрестижната португалска книжевна награда „Лежа“ (2018), а подоцна ги освојува и наградите „Оцеанос“ и „Жабути“. Книгата е преведена на неколку јазици, а во 2023 е направена и адаптација за телевизиска серија.