Глобалното богатство падна во 2022 година, за првпат по 14 години, се вели во заедничкиот извештај на швајцарските банки Кредит суис и УБС.
Според Извештајот за глобално богатство, вкупното приватно богатство се намалило за 2,4 отсто минатата година, на 454,4 трилиони долари, а богатството по возрасно лице паднало за 3,6 отсто, на 84.718 долари, пренесува „Фокс бизнис“.
– Најголем пад на богатството е забележан во Северна Америка и во Европа, главно поради апрецијацијата на доларот во однос на неколку други валути и високата инфлација – наведе авторот на извештајот, Ентони Шорокс.
Меѓу најголемите губитници се САД, Јапонија, Кина, Канада и Австралија, додека најголеми добитници се Русија, Мексико, Индија и Бразил. Во извештајот се тврди дека глобалното богатство ќе порасне за 38 отсто, до 629 трилиони долари, во следните пет години.