Озрен Грабариќ, хрватски актер
Хрватскиот актер Озрен Грабариќ неодамна гостуваше на меѓународниот театарски фестивал „Рута“ во Скопје, со претставите „Контра Мундум“ и „На чија страна“, а во рамките на престојот одржа и работилница по актерска игра за студентите од Факултетот за драмски уметности. Двете претстави отвораат различни актерски предизвици: во „Контра Мундум“, Грабариќ го толкува Салвадор Дали, градејќи сценски лик низ фрагменти, слики и низ музички целини, додека во „На чија страна“ го игра американскиот мајор Стив Арнолд, кој го истражува однесувањето на диригентот Вилхелм Фуртвенглер за време на нацистичкиот режим.
Озрен Грабариќ е роден во Загреб, а средношколското образование го стекнал во Барселона. Дипломирал актерска игра на Академијата за драмски уметности во Загреб, во класата на Нева Рошиќ. Од 2006 година бил член на ансамблот на градскиот драмски театар „Гавела“, од кој заминал во 2025 година. Во текот на кариерата остварил низа забележителни театарски улоги, а покрај актерската работа се занимава и со педагошка дејност.
Во подготовката на улогата на Салвадор Дали пред себе имавте личност чиј лик, глас, движења и јавни настапи се многу добро документирани. Колку се потпиравте на архивски снимки, фотографии и други материјали, а колку во градењето на ликот ја следевте сопствената актерска интуиција?
– Во почетната фаза од работата истражувавме навистина многу од она што ни беше достапно за Салвадор Дали. Слободан Обрадовиќ најнапред се посвети на пишаните извори, а потоа заедно читавме различни текстови, новинарски статии, интервјуа и проучувавме документарни материјали. Лично погледнав голем број документарни филмови, меѓу кои имаше и еден што ми стана особено важен и инспиративен за работата на претставата, а во кој учествува и самиот Дали. Се разбира, станува збор за неверојатно богата граѓа, која е речиси невозможно да се опфати во целост. Сигурно постојат уште многу нешта до кои за време на подготовките воопшто не успеавме да допреме. Сепак, мислам дека преку сите тие извори успеавме да дојдеме до она што најмногу нè интересираше – до некаква суштина на личноста на Дали, до неговиот уметнички свет, но и до она што сакавме да ѝ го пренесеме на денешната публика преку Дали. За нас Дали претставуваше еден вид отпор кон просечноста, човек што не се согласуваше да биде дел од униформираната послушна маса, туку инсистираше на индивидуалноста и на сопственото промислување на светот. Токму таа идеја беше една од нашите основни појдовни точки. Документарните материјали ни дадоа одредена рамка, а потоа актерската и авторската интуиција нè водеа во различни насоки, често и во оние што на почетокот не можевме да ги предвидиме.
Дали имаше многу препознатлива телесна експресија и начин на говор, како ја градевте неговата физичка и гласовна појавност, дали ви беше поважно да му се приближите на неговиот вистински гест или да пронајдете сопствен сценски израз?
– Многу поважно ми беше да пронајдам некаков сопствен личен сценски израз. Оваа претстава, всушност, не е обид за имитација на Салвадор Дали. Впрочем, ниту по својата физичка конституција не личам особено на него. Она што нè интересираше пред сè беше суштината на неговата ексцентричност, неговиот егзибиционизам, но и тој простор на соништата за кој толку упорно се залагаше и кој постојано настојуваше да го пренесе во стварноста. За мене Дали беше еден вид суштество на границата меѓу два света, оној што постојано ги поврзува светот на соништата и светот на стварноста. Токму тој простор ни беше особено интересен во создавањето на претставата. Се разбира, повремено користевме некои негови карактеристични гестови, говорни маниризми и начини на телесно изразување, но повеќе како одделни интерпретативни елементи отколку како обид за доследна реконструкција на неговата појавност. Не ни беше важно да го имитираме Дали, туку да искористиме одредени елементи од неговата личност за да раскажеме некаква сопствена приказна.
Претставата не се развива како класична биографска приказна, туку низ низа фрагменти, слики и различни емоционални состојби. Како го пронаоѓавте континуитетот на ликот во таквата структура и што ви помогна да ги поврзете различните сцени во единствена сценска целина?
– Слободан Обрадовиќ и Вељко Миќуновиќ ја поставија почетната драматуршка рамка, која следи одредена хронолошка нишка – од детството на Дали, па сè до смртта на Гала и периодот кога тој останува стар и сам. Значи, постои временски континуитет, а во тие рамки градевме сцени составени од различни, речиси колажни фрагменти, кои, барем за нас во текот на работниот процес, логично се надоврзуваа едни на други. Понекогаш го менувавме нивниот редослед, барајќи го најсоодветното место за секоја сцена и начинот на кој тие слики ќе се прелеваат една во друга. Всушност, на целокупниот материјал му пристапивме како на некаква жива слика што настанува, се менува и се растопува пред публиката, како Дали во текот на претставата во живо да слика некоја своја слика.

Во претставата важна улога имаат и музичарите, кои активно учествуваат во изведбата. Како ги одржувате концентрацијата и енергијата во текот на целата претстава, а истовремено градите сценски однос со музичарите?
– Се разбира дека музиката носи дополнителна одговорност. Музиката можеби не е моето примарно поле, но многу ја сакам и често сум се занимавал со различни форми на музички театар, така што ваквиот начин на работа не ми е непознат. Сепак, тој секогаш бара дополнителен напор и концентрација за да го совладам сето она што го бара ваквата изведба. За среќа, овде имав прекрасни музичари – млади, талентирани и, пред сè, подготвени да се впуштат во еден ваков предизвик. Театарот пред нив поставува сосема поинакви барања од оние на кои се навикнати во текот на концертните настапи. Тој бара и поинаков вид посветеност, бидејќи во фокусот веќе не е само музиката туку и самите тие како сценски изведувачи. Секој од нив во текот на претставата станува одреден лик. Ги имаме Гала, нејзините љубовници, лекарот што учествувал при раѓањето на Дали, неговиот брат, кој починал пред раѓањето на Дали, како и низа други ликови што музичарите ги отелотворуваат. Мислам дека навистина се извонредни во тоа, особено затоа што тоа не е поле во кое вообичаено се чувствуваат најсигурно. На некој начин, сите излеговме од своите зони на удобност и се најдовме во простор во кој сфативме колку е важно да се слушаме и да се следиме едни со други. Токму преку таа заемна посветеност се обидовме да создадеме нешто што, пред сè, за самите нас ќе биде ново и возбудливо.
Претставата веќе има зад себе низа изведби и средби со различна публика. Дали со текот на времето се менува вашиот однос кон улогата?
– Имаме среќа што нашите продуценти и Центарот за култура – Тиват, на чело со Горан Божовиќ, навистина се грижат за претставите што ги имаат на својот репертоар. Многу се ангажирани околу тоа претставите да продолжат да живеат, да гостуваат на различни фестивали и да допрат до што поширока публика. Благодарение на тоа, веќе имавме респектабилен број изведби, особено ако се земе предвид дека станува збор за центар за култура што ја нема инфраструктурата со која располагаат големите театарски институции. Секоја нова изведба ни носи поголема сигурност и опуштеност, а нашата сценска игра, меѓу мене и музичарите, станува сè поорганска. И јас станувам сè послободен во односот кон материјалот. Повеќе не ме оптоваруваат толку неговиот обем и сложеноста, па можам да пронаоѓам нови нијанси, не само во текстот туку и во музиката и во односот со публиката. Особено ми е интересно да ги ослушнувам реакциите на различна публика – од Црна Гора и Србија, до Хрватска и Македонија. Сите тие искуства, повратните реакции од публиката, но и наградите што ги добивме на фестивалите, дополнително нè охрабруваат да продолжиме да истражуваме и да пронаоѓаме нови суптилни поместувања во рамките на претставата.
За време на престојот во Скопје одржавте актерска работилница за студентите од Факултетот за драмски уметности. Што ви е особено важно во работата со младите актери?
– Ги обожавам средбите со младите генерации низ нашиот регион, бидејќи запознавам многу интересни млади луѓе од кои и самиот многу учам. Преку разговорите со нив добивам увид во тоа како гледаат на театарот, како ја разбираат глумата, што ги мачи и што ги загрижува. Тоа истовремено ми дава и одредена слика за средините од кои доаѓаат, како и за училиштата во кои се образуваат. Таквите средби, на некој начин, многу ме збогатуваат. Една од најважните мисли што настојувам да им ја пренесам, на различни начини, е дека глумата пред сè е занает. Таа бара одредени знаења, вештини и континуирано усовршување. Кога не би било така, немаше да ни бидат потребни академии, школување и сите тие години работа што актерите ги вложуваат во својата професија. Имав среќа да работам со една постара генерација големи актери, кои можеби имаа нешто поинаков, попосветен однос кон својата работа. Можеби и времињата беа поинакви. Немаше толку многу паралелни ангажмани и различни работни обврски како денес, па можеа повеќе да се концентрираат на една претстава, на својот театар и на материјалот со кој се занимаваа. Мислам дека денес полека се губи тој вид концентрација и посветеност. Перо Крвгиќ, Вања Драх, Лела Маргитиќ, Инге Апелт, Реља Башиќ, Ивица Видовиќ… Се сеќавам како тие актери доаѓаа во театарот и по два часа пред претставата. Ќе испиеја кафе, можеби ќе запалеа цигара, ги повторуваа текстовите, се подготвуваа и постојано го усовршуваа својот инструмент. Ако генерации такви актери сметале дека глумата е занает со кој човек мора континуирано да се занимава сè додека е активен, тогаш мислам дека тоа е нешто што вреди да се зачува и да се пренесува понатаму. Токму затоа, во работата со студентите се обидувам да пронајдам различни начини да им ја доближам важноста на разбирањето на глумата како занает што води до уметноста.
За време на гостувањето во Скопје имавте можност да ѝ се претставите на публиката и во претставата „На чија страна“, кажете ни нешто повеќе за вашата улога и искуството од работата на претставата?
– Во претставата „На чија страна“ го играм американскиот мајор Стив Арнолд, кој го спроведува процесот на денацификација и ја истражува улогата на славниот диригент Вилхелм Фуртвенглер за време на нацистичкиот режим. Прашањето е дали Фуртвенглер со своето дејствување го поддржувал тој режим или, како што самиот тврди, настојувал да ги зачува вредностите на германската култура. Меѓу нив двајца се развива еден вид вербална расправа, а публиката се наоѓа во улога на порота што треба да одлучи на чија страна е. Притоа, претставата не нуди конечен одговор, туку ѝ остава простор на публиката самата да размисли за прашањата што ги отвора. Станува збор за претстава што речиси во сè се разликува од „Контра Мундум“ – од актерскиот стил до самиот начин на работа. Овде, пред сè, се занимававме со психолошки реализам. Ленка Удовички ја градеше претставата преку актерите, следејќи ги нашите внатрешни мотивации и многу прецизно развивајќи ги односите меѓу ликовите. Во таа смисла, нејзината режија е минималистичка, без големи режисерски интервенции, но токму во таа прецизност, според мене, се крие една од најголемите вредности на претставата. Со Ленка веќе сум работел на многу претстави, исто како и со Вељко Миќуновиќ, и интересно ми е тоа што и двајцата сè уште успеваат да ме изненадат со различните пристапи кон одреден текст или материјал. Претставата, благодарение и на извонредниот текст на Роналд Харвуд, наиде на многу добар прием кај публиката на Бриони, во Сараево и во Скопје. Бидејќи актерските пристапи во овие две претстави се толку различни, нивното паралелно играње за мене претставува особено интересно и возбудливо искуство.
Елена Ангеловска
































