Ремито без голови на Јамајка со Франција беше еден од најизненадувачките резултати на СП досега, тој следеше растечка шема на ова СП, откако Нов Зеланд ја изненади Норвешка на Ада Хегеберг, на Австралија ѝ требаше пенал за победа на мечот со дебитантот Република Ирска, европскиот првак Англија победи уште еден дебитант, Хаити, со 1-0, и повторно му требаше пенал за победа, олимпискиот шампион Канада одигра 0-0 со Нигерија, пишува АП
Аутсајдерите се креваат на Светското првенство за фудбалерки, ремито 0-0 на Јамајка со еден од фаворитите на турнирот Франција во неделата беше најновиот доказ дека јазот се намалува во меѓународниот фудбал, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Имаше доволно примери за тоа за време на Светското првенство за фудбалери во Катар минатата година, кога репрезентацијата на Саудиска Арабија го победи евентуалниот шампион Аргентина, а Мароко стана првата африканска репрезентација што се пласира во полуфиналето, пишува АП.
– Можеби ги немаме ресурсите што ги имаат поголемите земји во однос на опремата, патувањата и мечевите, но мислам дека постои разбирање кај тренерите и кај техничкиот персонал дека нашата подготовка е малку подобра во целина – рече селекторот на Јамајка, Лорн Доналдсон.
Селекторот на Франција, Ерве Ренар, кој ја предводеше репрезентацијата на Саудиска Арабија до таа незаборавна победа против Аргентина на Лионел Меси, се согласува.
– Французите се навикнати да имаат предност за време на воведните натпревари, но ова е нешто што ќе се промени, бидејќи разликите се многу помали – рече тој.
Иако тоа реми без голови беше еден од најизненадувачките резултати на турнирот досега, тој следеше растечка шема на ова СП, чии кодомаќини се Австралија и Нов Зеланд. Нов Зеланд ја изненади Норвешка на Ада Хегеберг со победа со 1-0 во воведниот натпревар, а Австралија се мачеше да го победи дебитантот Република Ирска и ѝ требаше пенал за да запечати победа со истиот резултат, пишува АП. Европскиот првак Англија победи уште еден дебитант, Хаити, со 1-0, и повторно му требаше пенал за победа. Олимпискиот шампион Канада одигра 0-0 со Нигерија.
Една од причините зошто традиционално помалите фудбалски земји имаат таква конкурентност во дуелите со нивните поголеми ривали е несомнениот квалитет со кој сега располагаат. Кадија Шо, центарфорка на Манчестер сити, беше извонредна за Јамајка и ќе недостига во нејзиниот тим за мечот со Панама в сабота, откако доби црвен картон доцна на натпреварот со Франција. Напаѓачката на Хаити, 19-годишната Мелки Думорнеј, се чини дека ќе стане глобална ѕвезда, пишува АП.
– Фудбалерките се развиваат. Тие добиваат шанса, некои од нив одат да играат во врвните лиги и тие ја користат – вели Доналдсон.
Додека изненадувањата стануваат сѐ повообичаени во меѓународниот фудбал, останува да се види дали некој од аутсајдерите може да оди до крајот на некој голем турнир. Финалето на Светското првенство за мажи заврши со тоа што Аргентина на Меси се соочи со тогашниот првак Франција, а Килијан Мбапе го предводеше нападот.
Репрезентацијата на САД се стреми кон трет трофеј во низа на СП за жени и е фаворит да стане првата селекција што ќе го стори тоа, Англија и Австралија беа притиснати, но уште се добро пласирани за да ја поминат групната фаза откако победија во првите натпревари, а ќе се очекува и од двете да се подобрат, особено од Австралија, ако ѕвездата Сем Кер може да закрепне од повредата, пишува АП. И Ренар, кој освои две титули на Африканскиот куп на нациите, не се сомнева во способноста на Франција да се издигне од разочарувачкиот почеток.
– Задоволен сум од начинот на размислување на моите фудбалерки. Покажаа борбеност и тоа ќе ни биде многу корисно за она што следува. Сите заедно ќе одиме напред и сме на вистинскиот пат – рече тој. Н.М.