Повторното обединување на „Спајс грлс“ сега треба да биде реално, што сигурно ќе ги израдува нивните обожаватели. Една од поранешните членки на највлијателната група девојки од деведесеттите, Мел Би, која моментално е во Австралија, во изјава за „Дејли телеграф“ рече дека Викторија Бекам ќе ѝ се приклучи на иконската група за „нешто возбудливо“. Таа не кажа што точно ќе биде, но овој пат Викторија рекла, ајде, ајде да направиме нешто заедно. Пејачката во друго интервју навести и дека тие работат заедно на проект што многу ќе им се допадне на обожавателите.
Иконската поп-група од 1990-тите години последен пат се појави како петчлена на премиерата на „Viva Forever“ во декември 2012 година, мјузикл за група девојки што се на патот до славата, само неколку месеци по повторното обединување на сцената на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Лондон.
„Спајс грлс“ повторно се обединија во 2019 година во намален состав без Викторија, која сакаше да се фокусира на своето семејство и модниот бренд.
Мел Би, Мел Си, Гери Халивел, Викторија Бекам и Ема Бантон беа на врвот на својата популарност кон крајот на 1990-тите, продавајќи 100 милиони албуми низ светот. Девојките издадоа три студиски албуми и 13 сингла – од кои девет го достигнаа првото место во Велика Британија. Тие имаат освоено голем број награди, вклучувајќи ја и наградата „брит“ за исклучителен придонес во британската музика. За „Спајс грлс“ се вели дека го промениле начинот на размислување на цела генерација девојки, но од друга страна, многумина ги критикуваа дека го користат феминизмот за нивниот маркетинг. Сепак, не може да се негира дека во својот врв, за само четири години, успеаја од работ на популарната музика да допрат до светската публика, пишува „Би-би-си“.