Фото: Петар Богојески/принтскрин

Претседателот на партијата Македонски Концепт, Петар Богојески денес беше повикан во Обвинителството, како осомничен за кривично дело предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.

Богојески, пред зградата на Обвинителството кажа дека станува збор за цензура врз опозицијата, поради неговите јавни објави на документи од македонската историја кои не се по вкус на Бугарија.

– Повикан сум во ОЈО, денеска на мој именден, Петровден. Загрозени се моите човекови права и слободи на верска основа. Спречен сум да присуствувам на утринска литургија на Петровден, оти морам по бугарско барање во ОЈО да објаснувам зошто објавувам историски документи од македонската историја, кои не се благопријатни за бугарската пропаганда во земјава и генерално во светот – рече Богојески.

Тој вели дека не се проблем обвиненијата кон него, и покрај тоа што станува збор за политичка цензура, туку проблем е што утре ден може да се воспостави цензура врз научниците, историчарите, новинарите кои ќе се обидуваат да објавуваат такви документи, ентузијасти кои работат во областа на македонско бугарските односи, особено историјата, па да дојдеме во ситуација Македонија да цензурира макдонска историска вистина по желби на Бугарија.

– Доколку некој е загрозен, како личност или Бугарија можат да поведат граѓанска постапка за клевета, навреда. но вакво директно вмешување на државата преку Обвинителството, во услови кога царува криминал и корупција, секој втор политичар станува милионер, власта и ОЈО се занимаваат со цензура на опозицијата и историски документи е крајно вулгарно поведение во интерес на слободата н аговор. Заживува комунизмот, ОЈО ме кани да објаснувам за вербален деликт – рече тој.