Годинава по вторпат се одржа фестивалот на камерна музика „Класика меѓународен фестивал Струмица“, единствен од таков вид кај нас, кој се одржа од 1 до 9 јуни. Фестивалот е целосно поддржан од градоначалникот и советот на Општина Струмица, како и од мали спонзори и неколку медиуми, кои дадоа несебична поддршка за реализација на фестивалот, кој и годинава го задржа високото ниво на уметничка изведба. Фестивалот и оваа година имаше одлична програма и, освен познати македонски камерни состави, настапија и гости од Србија, Бугарија и Словенија, со што се задржа и издигна нивото од претходната година.
На отворањето пред преполната сала се обрати Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма, кој ги поздрави присутната публика и гостите од Бугарија, „Дуо харфи-Селена“ (келтски харфи). Настапи познатата бугарска харфистка Кохар Андонијан, прогласена за уметница на УНЕСКО, заедно со Лилијана Стоева, уметница и педагог, веќе докажана во својата професија настапувајќи во Бугарија и Европа. На програмата беа дела од Хендел, Вивалди, Пахелбел, Томас, Тошкова, Андре, Рение, Салцедо, Ортиз и Хенсон, претежно оригинални дела за харфа. Следуваа одличен настап и избор на композиции што го облагородија просторот во фоајето преполно со публика. Дуото брилијантно мајсторски ја реализира програмата, а публиката за одличните изведби го награди со бурни аплаузи. На изненадување на публиката, Андонијан на бис ја исполни познатата мелодија „Под кулите на Струмица“ за две харфи, во аранжман на В. Атанасов. Тоа беше вечер за паметење.
На вториот концерт настапи вокалниот ансамбл „Мелизма“, мешан хор од Скопје. Тој е релативно млад камерен состав, но изненадувачки добар настап, програма, солисти, под сигурното водство на диригентката Марија Андонова. Хорот е основан во 2015 година, со цел негување црковна хорска музика. За овој краток период тие учествуваат како на домашни хорски манифестации, така и на гостувања во Србија, Црна Гора, Полска. Марија Андонова е дипломирана хорска диригентка и долгогодишна асистентка на маестро З. Запров и неговите хорови, но работи и со ХМД „Кочо Рацин“ и ГМХ „Вардар“ и има настапи како во земјата така и во странство.
Црковниот храм „Св. Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица дава идеална можност за изведба на програма составена од црковна музика и беше преполн со публика до последното место. Тие ја изведоа програмата со чиста интонација и артикулација во текстот, убаво водење на мелодиските линии и контарпунктот, наедно постигнувајќи прекрасни нијанси од фортисимо до убаво пијанисимо, кои звучеа божествено, особено во делот од композициите каде што како солистка се појави младата сопранистка Ана Михајлова, која со својот кристално јасен звук и ангелски глас ја облагороди комплетната атмосфера во црквата.
На третата вечер се одржа прекрасен концерт на кој настапија виолинистот Јован Богосављевиќ и пијанистот Бојан Младеновиќ од Србија. Тие понудија нешто ново и атрактивно и приредија вистински спектакуларен концерт, во кој уживаше целата публика. Својот настап го започнаа со едно од најубавите дела за виолина, капиталната соната бр. 3 од Ј. Брамс во Д-мол оп. 108. На самиот почеток, и покрај незгодата со пукната жица на виолината на Богосављевиќ, тој се врати на сцената и продолжи како да не се случило ништо, сигурно и елегантно, покажувајќи извонредно стилско водење на фразите, нијансирани во сите свои можности со колегата пијанист Младеновиќ, кој го следеше беспрекорно. Овие реномирани уметници, чија интерпретација изобилува со енергија, квалитет и страст, на сцената продолжија со Соната во Г-мол од Дебиси, дело сосема различно од претходната композиција, доловувајќи голем колорит на звуци и динамички нијансирани со големи контрасти.
Потоа следуваше прекрасното безвременско дело од П.И.Чајковски, „Валцер Скерцо“, кое изобилува со прекрасни мелодии, но и романтичарски моменти, во кое Богосављевиќ ја покажа својата виолинска мајсторија, доловувајќи ја руската мелодраматика во целост. За крај беше изведено делото Интродукција и рондо од К. Сен-Санс. Уметниците ја покажаa својата раскошна музикалност и ја изведоа беспрекорно во еден здив и фуриозно, а публиката ги награди со долготрајни аплаузи.
Четвртиот концерт беше резервиран за македонското трио, членови од Националната опера во Скопје: Марија Наумовски Бакревска – сопранистка, Игор Бакревски – кларинет и Иван Еминовиќ – пијано. Програмата опфаќаше дела од стара класика до романтична и понова музика, дел оригинални дела, а дел оперска музика. Програмата ја започнаа со стара класика дела од Скарлати, Хендел и Паисело, за полека да преминат во неокласичен стил, изведувајќи дела од Гево и Фрие, а потоа со романтичните соло-песни и оперски арии од Шуберт, Чилеа и Форе да постигнат врвна кулминација на своите изведби. Сопранистката Наумовска-Бакревска извонредно ги водеше мелодиите со својот убав и волуминозен сопран, а кларинетистот Бакревски со мекиот и воздржан звук на кларинетот достојно ја доловуваше атмосферата на втор сопран, поткрепени од одличната соработка на пијаното на маестро Еминовиќ. Публиката беше воодушевена од уиграноста и ведрината на ова трио.
Петти и последен концерт на фестивалот беше настапот на „Клавирско дувачко трио Љубљана“ од Словенија, составено од врвни и познати словенечки инструменталисти со интернационална кариера и истакнати педагози: Јоже Котар – кларинетист, Зоран Митев – фаготист, Лука Ферини – пијано. Триото го започна концертот со изведба на делото од Ф. Менделсон, Концертна композиција бр. 2 за кларинет, фагот и пијано во Д-мол, напишана за кларинет, алт-кларинет и пијано, и звучеше многу веродостојно бидејќи фаготот со својата боја и звук ја долови камерната замисла на авторот во сите три става, особено во вториот бавен став, додека во третиот брзите делници кај кларинетот и фаготот беа изведени суптилно точно. Потоа следуваше изведба на Трио од М. Глинка, оригинално напишано дело за трио, во кое преовладуваа типичните руски мелодии и во бавниот, но и во брзите ставови, особено до израз дојде камерното врвно музицирање на овие тројца уметници во скерцото и последното алегро. Потоа следуваше делото на Карди, „Tzigane“, каде што слушнавме еден нов бран мелодии, ритми, енергија и виртуозност во која уметниците дејствуваа максимално уиграно.
Триото го продолжи концертот и ја разгали публиката со едно латинокомпозиција од Ривера, пренесувајќи ја замислата на авторот за латиномузиката со сите свои специфики на мелодија, танц, игра, салса, ритмичка раздвиженост и сл. За крај беше изведено делото „Фантазија на фолк“, тема на нашиот познат уметник, обоист и композитор Васил Атанасов В`чев, оригинално за обоа и оркестар, а сега преработено за „Трио Љубљана“, кое го изведе мошне уверливо и ритмички прецизно. Следуваа громогласни аплаузи и овации на публиката.
И годинава публиката во Струмица имаше можност да го проследи фестивалот и да ужива во сите концерти на „Класика меѓународен фестивал Струмица“, кој со квалитетот на програмата, учесниците и изведбите ги докажува своето реноме и оправданост на постоењето.
Јорде Јовев