ПОЛИТИЧКА ВИЗИЈА ИЛИ БЛЕФЕРСКА ПАРТИСКА ЦЕЛ
Со јасно искажаниот став од ДУИ (на сѐ уште незавршена лидерска средба) дека нив, наводно, не ги интересира власта и доброволно се откажуваат од неа, партијата од Мала Речица со еден потег ги матира и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да не е така, што, според многумина аналитичари е само тактички блеф на ДУИ, партијата на Ахмети со ваквиот гест привидно манифестира повеќе политичко-творечки капацитет и грижа за своите национални интереси отколку двете најголеми партии од македонскиот блок. Од она што излезе во јавноста, се чини дека за лидерите од лидерската средба се поважни битката за власт и поделбата на ресорите!? И додека албанските политичари од земјава и од регионот зборуваат за национална цел и обединување, домашните политички лидери зборуваат за поделба на ресори?! И таа „братска поделба“ на ресори пред македонскиот народ се претставува како некаква возвишена национална цел?!
По една недела од лидерската средба меѓу премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Македонија се чини дека е подалеку и од посакуваното семакедонско национално обединување и од евроинтеграциите. Многу е веројатно дека лидерите од македонскиот блок партии ја пропуштија шансата заеднички да испратат цврсти и недвосмислени пораки со кои ќе скицираат евентуално заеднички прифатливо решение, кое пред сѐ ќе биде во интерес на македонскиот народ и држава, и со кое дополнително ќе се зацврстат државотворната улога и капацитетот на македонскиот народ и истовремено ќе се продолжи евроинтеграцијата. Наместо тоа, по лидерската средба, наеднаш и сосема неочекувано, се смени политичкиот наратив и фокусот на вниманието во јавноста се пренасочи на сосема други теми. Така, наместо за гаранции и заштита на државотворноста на македонскиот народ и идентитетот, сега тежиштето е да се зборува за широка влада, за поделба на ресори, за можни термини за избори итн.
Една недела по лидерската средба, јавноста секојдневно е сведок на нови политички бесполезни дискусии и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата, за тоа кој што побарал, кој што ветил, кој што ќе добие итн. Во еден ваков контекст, несомнено најголем добитник по лидерската средба е токму ДУИ, иако и не учествуваше на неа.
Со јасно искажаниот став од ДУИ (на сѐ уште незавршена лидерска средба) дека нив, наводно, не ги интересира власта и доброволно се откажуваат од неа, партијата од Мала Речица со еден потег ги матира и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да не е така, што, според многумина аналитичари е само тактички блеф на ДУИ, партијата на Ахмети со ваквиот гест привидно манифестира повеќе политичко-творечки капацитет и грижа за своите национални интереси отколку двете најголеми партии од македонскиот блок. Од она што излезе во јавноста, се чини дека за лидерите од лидерската средба се поважни битката за власт и поделбата на ресорите!?
ДУИ, која токму изминатиот период се подели и расцепка меѓу себе (па дури го исклучија и крилото на огнените, поради внатрепартиската битка за фотелји), сега вели дека не ѝ била важна власта. Партијата што над 20 години е во власта, сиве изминати години правеше кризи само да биде дел од власта, во 2001 беше дел од воен конфликт за да се дограби до власта, сега ја предава власта на тацна! Вест како за рубриката Верувале или не.
За ДУИ небитна е власта! Таа има повисока цел
– Нашиот став од 7 јуни е најдоброто нешто што сме можеле да го направиме. Ние ветивме европска интеграција. ДУИ е партија што ветува и остварува. Во насока на нашата партија, ние се би жртвувале само Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Небитна е власта. Дали меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе избираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. По сите кризи, ова е вистинскиот пат – ја објаснува Артан Груби одлуката на ДУИ.
Дури и да не е така како што вели Груби, ваквиот гест во најмала рака е шлаканица за двете најголеми македонски партии, кои се однесуваат како да не се политички визионери, туку аматери и не како да станува збор за суштински важни прашања од интерес на македонскиот народ и држава, тврдат дел од аналитичарите.
А дека ДУИ, веројатно, гледа многу понапред и спроведува некоја поширока сеалбанска агенда, сега спакувана во ЕУ-обланда, потврдува и најновата изјава на лидерот на албанските сепаратисти и премиер на Косово, Албин Курти.
По повод, како што рече „недовршениот проект на Призренската лига“, која вчера одбележа 145 години од основањето, Курти повика на национално единство на сите Албанци, нагласувајќи дека не смее да се заборават важноста на историјата и единството, кои се потребни за снажно да се оди напред.
– Призренската лига е жива и ние сме едно. Обединувањето е главна цел – истакна Курти, со што само потврди дека е жив и сонот за голема Албанија, што е во суштината на Призренската лига.
И додека албанските политичари од земјава и од регионот зборуваат за национални цели и обединување, домашните политички лидери зборуваат за поделба на ресори. И таа „братска поделба“ на ресори пред македонскиот народ се претставува како некаква возвишена национална цел.
– Сфатив дека тие сакаат да бидат дел од власта и понудив ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата. Прво да го отвориме Уставот, со две третини, сите заедно, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, и тоа 50 отсто од министерските места што ги има СДСМ да му ги отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека е тоа најфер, братски. Пола – пола – рече премиерот Ковачевски во однос на понудата што ја ставил на маса на лидерската средба.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски веднаш, одби да го коментира ваквиот епилог од лидерската средба и досега се нема произнесено во однос на неа.
Зошто дефицит на политичка и национална далековидост
Партиите и од власта и од опозицијата секојдневно излегуваат и со неколку прес-конференции или соопштенија пред јавноста во кои ги образложуваат своите позиции, кои се контрадикторни и спротивставени едни на други. И двете партии тврдат дека сакаат решение што нема да биде на штета на граѓаните и на иднината на Македонија и наедно жалат што се пропушта голема и историска шанса. Но кое е тоа решение никој не кажува.
Дали и по оваа лидерска средба повторно најмногу ќе изгубат Македонија и македонскиот народ, како што многу често се случувало и во минатото, треба да покажат деновите и месеците што следуваат.
Во меѓувреме и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ треба да им биде јасно дека македонскиот народ не го интересира поделбата на ресори на зелена маса, не го интересира кој од која партија ќе биде министер, директор или портир, туку го интересира каква е визијата за иднината на македонскиот народ, како ќе се заштитат неговите интереси и како да влеземе во ЕУ како Македонци и никако поинаку. Тоа се точките за кои е потребен општ консензус меѓу власта и опозицијата, што, за жал, не се случи.
Инаку токму нашиот весник, ден пред лидерската средба минатата недела, јасно ги скицираше точките што треба да бидат во фокусот на разговорите.
Предложивме и таканаречена вин-вин ситуација, со која ќе ги продолжиме и евроинтеграциите и дополнително ќе го зајакнеме државотворниот статус на македонскиот народ.
– Формулата е едноставна. Со предвидените уставни измени треба да се допрецизира и јасно да се дефинира дека Македонија е национална држава на македонскиот народ и малцинствата што живеат во неа. Државотворната улога и значењето на македонскиот народ во никој сегмент не смее да бидат засенети или доведени во прашање. Никако не смее да се дозволи носечкиот државотворен народ да се изедначи со другите малцинства што ги уживаат сите загарантирани права, и во согласност со сите меѓународни стандарди и конвенции може да се дефинираат и третираат само како малцинства. Значајно е двајцата лидери да ги извадат партиските маски и да настапуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државата – напиша „Нова Македонија“ ден пред лидерската средба минатата недела.
Притоа нагласивме и дека македонските граѓани многу повеќе ги интересира што со Македонија, каква светла иднина им претстои на Македонија и на македонските граѓани и клучно и примарно прашање е како најдобро да се заштитат македонските национални интереси, да се зацврсти и унапреди државотворноста на македонскиот народ како единствен носител на сувереноста на македонската држава. Во нашиот став со наслов „Вистинска агенда за ’лидерска средба‘ и за Македонија“ истакнавме и дека пред политичарите и институциите чекаат уште куп други прашања за решавање, како спречување на белата чума и на масовното иселување, борбата со сиромаштијата и сивата економија, предизвикот за засилен економски раст и развој итн.
Во моментов целосно се пренасочени фокусот и реториката во политичката дебата
Политичките аналитичари се согласни дека во моментов целосно се пренасочени фокусот и реториката во политичката дебата, при што секоја од партиите го претставува тоа што нејзе ѝ одговара, но без грижа за државните и национални интереси.
– Пред сѐ треба ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно да се договорат и да се усогласат за некакви гаранции, да се држат до нив и заеднички да настапат пред меѓународната заедница. Затоа што стравот на граѓаните не е од внесување на Бугарите во Уставот, туку што на тој пат потоа за македонскиот народ. Дали ова е само прво од стотина други вакви барања потоа или ова е прво и последно – смета Никола Тодоров, аналитичар и поранешен висок функционер.
Според лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, последната лидерска средба е задоцнета и доцни најмалку една година.
– Ваква средба, можеби во поширок состав со повеќе партии од власта и опозицијата, требаше да се одржи тогаш кога пристигна францускиот предлог, кој сега е дел од преговарачката рамка. Прво го одбија тој предлог сите, потоа го прифатија, бидејќи, наводно, биле вградени некои нови елементи, што воопшто не е точно – вели Трајанов.
Тој вели дека и самиот повеќепати ја застапувал идејата за широка коалиција, но не широка коалиција за уставни промени, туку широка коалиција за реформи, бидејќи, како што вели, шест години се блокирани какви било реформски процеси во државата и нема ниту една реформа.
– Тоа би било еден вид широка коалиција за национално единство – нагласува Трајанов.
Лидерот на ДС нема дилема дека ДУИ треба да оди во опозиција, зашто како што вели „таа партија станала канцер за државата, додека од СДСМ се само вазали на ДУИ“. Во однос на македонската евроинтеграција, Трајанов предлага три конкретни мерки.
– Советот на Европската Унија да донесе заклучок дека македонскиот јазик ќе биде официјален службен јазик по приемот на Македонија во Европската Унија, зашто тоа никаде не стои. Потоа билатералните прашања не смеат да бидат пречка за евроинтеграција, иако сега на некој начин токму билатерални прашања се вградени во преговарачката рамка. И трето, Советот на Европската Унија да донесе заклучок да се имплементираат одлуките на Стразбур околу правата на Македонците во Бугарија – нагласува Трајанов.
Инаку, токму денес (вторник 13 јуни) премиерот Ковачевски организира брифинг за медиумите во однос на процесот на уставните измени како дел од преговарачката рамка за членство во Европската Унија, како и за одлуките што треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на Македонија.
Дали можеби премиерот овој пат ја има формулата за вин-вин ситуација, во интерес на македонскиот народ и држава останува да видиме. Нашиот весник, и сега како и во минатото, одблизу и од прва рака ќе ги следи и ќе ги анализира случувањата исклучиво во интерес на јавноста и на граѓаните.