По иницијатива на филмскиот центар „Вардар филм“ – Скопје, заедно со Сараевскиот филмски центар, се организираат филмска изложба и реализација на проекции на анимирани филмови од двете земји, кои ќе се одржат во Сараево, Босна и Херцеговина, од 13 до 14 јуни.
Филмската изложба ќе го презентира развивањето на анимираниот филм во нашата земја низ годините сѐ до денес, преку изложба и презентација на постери, фолии, кукли и други материјали од анимираните филмови во продукција на „Вардар филм“ и од новите македонски анимирани филмови. Филмските проекции ќе опфаќаат прикажувања на неколку анимирани филмови од минатото и од сегашноста, со што ќе се направи една ретроспектива на македонскиот и на босанскиот анимиран филм.
Директорот на „Вардар филм“, Сани Саиди, со дел од неговиот тим, како и авторите Жарко Иванов и Крсте Господиновски, ќе присуствува на проекциите и разговорите каде што тема ќе биде анимацијата во минатото и сега, на кои ќе присуствуваат млади филмски работници, познатиот босански аниматор професор Митад Ајнович и директорката на Сараевскиот филмски центар, Инес Танович.