Минијатурната капсула „навикам“ може да направи револуција во дијагнозата на проблеми со дигестивниот тракт. Ендоскопите со капсули што може да се проголтаат и кои овозможуваат снимање видео, постојат веќе подолго време, но тие се строго ограничени и не можат да бидат контролирани од лекарите, бидејќи целосно се потпираат на гравитацијата и на дигестивниот систем за да се придвижат. Меѓутоа, се чини дека научниците го надминаа ова ограничување со развивање капсула во облик на таблета, која овозможува далечинско управување.

Оваа технологија им овозможува на лекарите буквално да „возат“ минијатурна видеокапсула наречена „навикам“ низ дигестивниот систем за да ги визуализираат и фотографираат потенцијалните проблематични области. Ова претставува потенцијална алтернатива на традиционалната ендоскопија. За поместување на капсулата се користи надворешен магнет, како и џојстици како оние што се користат за играње игри.
– Традиционалната ендоскопија е инвазивна процедура за пациентите, но и скапа поради потребата од анестезија и отсуство од работа. Капсулите со магнетна контрола може да се користат како брз и лесен начин за откривање здравствени проблеми во горниот дел на гастроинтестиналниот тракт, како што се чиреви или рак на желудникот – рече професорот Ендрју Мелцер.

Оваа технологија сѐ уште е во фаза на тестирање, но досегашните резултати се позитивни. Мелцер и неговите колеги од компанијата за медицинска технологија „Анкс роботика“ спроведоа студија во која учествуваа 40 лица и открија дека лекарите можат прецизно да ја контролираат капсулата на сите главни делови на желудникот со стапка на успех на визуализација од 95 проценти. Овие пациенти исто така биле подложени на традиционална ендоскопија за да се потврди дека камерата не „пропуштила“ ниту една високоризична лезија.

Камерата може да открие крвавење, воспаление и лезии и може автоматски да пренесува видео и фотографии надвор од локацијата за понатамошен преглед. Истражувањата покажаа дека користењето на капсулата не претставува ризик по здравјето, иако технологијата не овозможува биопсија бидејќи се разградува во телото. Научниците нагласија дека програмата за тестирање сè уште е во рана фаза и дека поголемото тестирање на пациенти допрва доаѓа.