Фосилните остатоци од дел од клеточна мембрана откриени во карпите формирани пред приближно 1,6 милијарда години отвораат нова научна перспектива во „изгубениот свет“ на микроскопските организми што ја населувале нашата планета пред габите, алгите, растенијата и животните, вклучувајќи ги и луѓето, соопштија неодамна истражувачите од Австралискиот национален универзитет во Канбера.

Овие остатоци датираат од некој период од протерозојскиот еон, кој бил клучен период за еволуцијата на сложените живи организми. Овој период од праисторијата досега беше обвиткан со мистерија поради недостиг од фосилни остатоци од микроскопски организми што ги населувале древните океани и мориња на Земјата во тој период, наведува „Ројтерс“.

Новооткриените фосилни остатоци се само дел од молекуларните клеточни остатоци, а не телото на некој организам.

Поради ова, научниците сè уште не знаат колкава била големината на целиот организам, како изгледал и како се однесувал и живеел, како и дали станува збор за едноклеточно или повеќеклеточно суштество.
– Немаме поим за што станува збор – накратко го коментира ова откритие геобиологот Џошин Брокс од Австралискиот национален универзитет и главен автор на студијата објавена во списанието „Нејчр“.