Благодарен сум што ги испеав вистинските песни

Фото: Приватна архива

Миле Кузмановски, пејач

Миле Кузмановски, нашиот познат интерпретатор на народни песни, веќе 33 години е активен на македонската естрада. Има снимено стотина песни, меѓу кои и голем број хитови, кои на концертите ги пее во еден глас со својата публика, меѓу кои е и „Не кани ме“, неговата лична карта создадена пред 25 години. Тој периодов е дел од еден убав проект, „Со срце за Македонија“, кој беше претставен неодамна. Станува збор за 12 македонски патриотски песни, кои со новите аранжмани на Николче Мицевски повторно ќе бидат актуализирани, испеани од 12 наши пејачи од повеќе генерации.

Какво е чувството во овие турбулентни времиња за нашата земја да се возобноват патриотските песни?
– Идејата е прекрасна и драго ми е што на овој начин повторно ќе се актуализираат убавите македонски патриотски рефрени. Поканата за учество во овој проект веднаш ја прифатив, мислам дека е убаво да оставиме нешто за генерациите по нас. Јас ја пеам песната „Налеј, налеј“, која кај сите Македонци буди силни патриотски чувства. Николче Мицевски направи прекрасен аранжман, како и на сите други песни што се дел од проектот. Сами одлучивме кој што ќе пее, кому што најдобро му лежи, сѐ да тече брзо и убаво. Се снимаше кај Дејан Момировски во студио и таму имаше убава атмосфера, зашто бевме опкружени со драги пријатели и колеги. Проектот се сними во вистинско време, а убаво е што како карван ќе одржиме и концерти низ Македонија. Им се радувам на осумте најавени настапи, а последниот и најголем концерт ќе биде во Скопје.

Како естрадата да се разедини, па дали овие концерти се убав повод пак да се соберете како во старите добри времиња?
– Да, брзото темпо на живот некако нѐ разедини, но еве причина повторно да се собереме и да се дружиме искрено и пријателски. Ги сакам моите колеги, дружбата, шегите, пеењето за своја душа…

Зад вас е еден голем јубилеј, 30 години на естрадата, но не го одбележавте медиумски?
– Поради пандемијата на коронавирусот сѐ застана. Но веќе размислувам за промоција и за одржување јубилеен концерт.

Каде планирате да го направите тој концерт што ѝ го должите на публиката?
– Искрено многу ми недостига Универзалната сала, каде што сум одржал два големи концерта што беа многу посетени. Нејзиното обновување, кое стагнира периодов, за мене значи повторно будење на музиката, културата, на позитивната енергија, на магијата што оваа сала ја поседуваше. Лично доживеав незаборавни мигови таму. Пеевме сите во еден глас, срцето ми беше полно кога пред мене гледав полна сала со прекрасна публика. Ете, тоа е што ни недостига, таа магија што ја нуди оваа сала, каде што ја имате публиката тука блиску до вас и сте сплотени со неа како еден. Уште ги паметам солистичките концерти во 2010 година во Универзалната сала заедно со групата „Академци“, исто така и во 2012 г. со „Арија бенд“, кога специјални гости ми беа Виолета Томовска, Новица Василевски и Марјан Коцев, а следниот концерт се случи во 2014 година.

За изминатите 33 години на сцената оставивте многу зад себе, што би издвоиле?
– Пеам веќе 33 години и кога неодамна правев некој преглед на она што се сработило низ годините, наидов на податок дека од нотираните записи во МРТ имам над 120 снимки, уште кога снимавме со Народниот оркестар, со чалгиите, кога имаше продукција и многу се работеше и се создаваше. Се надевам дека песните се зачувани во фонотеката.

Која е првата песна што ја снимивте во студијата на МРТВ?
– Тоа беше „Згодило ми се слатка ле мамо бре“ со Чалгиите од репертоарот на Добри Ставревски, а со Оркестарот на народни инструменти ја снимив „Ајде да си речиме една песна“, што ја пееше и Војо Стојановски. Во Македонската телевизија израснав како пејач, многу научив, и тоа од најголемите, го испеков занаетот, а сѐ друго подоцна беше резултат на постојан труд и работа.

Пејачот што снимил песна како „Не кани ме“, со која ги допревте ѕвездите, нема потреба веќе ништо да снима…
– Да, имам и други убави песни, но таа е силен, голем хит, моја лична карта. Многу сум благодарен за тоа дека во кариерата на која ѝ го посветив животот ми се случи вистинска песна, дека се споија енергиите. Фала му на бога што ми даде да ја чујам „Не кани ме“, чиј автор е Орце Лазаров од групата „Академци“ таа 1998 година, пред цели 25 години.

Она по што сте карактеристичен е вашиот уникатен стил, микс на забавна и народна музика…
– Тоа сум јас и најверојатно од многуте фолкпејачи токму тоа ме издвојува. Исто така досега имам снимено дваесетина видеозаписи за моите најпопуларни песни, а тоа уште повеќе придонесува за нивната слушаност меѓу луѓето. Инаку, континуирано настапувам и секој викенд сум некаде и тоа за мене е најголемо задоволство, зашто јас пред сѐ сум пејач. А кога публиката реагира и праќа енергија, тогаш гласот и емоциите се пуштени на најјако.

Што никогаш нема да заборавите од многубројните концерти во текот на изминатите години?
– Незаборавните концерти во Универзалната сала, турнеите во Австралија, низ Европа, настапите на летните сцени во земјава… Сега на 22 јуни настапувам во Охрид на „Винофест“, на 23 јуни, пак, традиционално сум дел од културното лето во Кисела Вода, „Три круши“, каде што секоја година на моите сограѓани им подарувам едночасовен концерт.

Со што наскоро ќе ја израдувате верната публика?
– За време на коронавирусот издадов цеде насловено „Триесет години со Миле“, но помина некако нечујно и мислам дека заслужува една поголема промоција. Пред Нова година се надевам ќе промовирам и некоја нова песна, а тука се и најавените концерти со проектот „Македонијо во срце те носиме“. Желен сум на публиката да ѝ ги испеам „Чадорот стар“, „Крал без круна“, „Во име на љубовта“, „Шпицер“, „Роман“, „Место не ме држи брате“, „Налеј, налеј“… и, се разбира, најомилената „Не кани ме“.

Животот носи и добро и лошо, колку музиката и љубовта ви помогнаа да ги пребродите тешките мигови?
– Секако, љубовта тоа е она што нѐ движи, целта е децата да се извадат на пат, а јас се надевам дека успевам во тоа. Близначките Ана и Јана се прва година на Медицинскиот факултет, а ќеркичката Ева од вториот брак со сопругата Јасмина, од септември ќе биде прваче. Сите ме прашуваат дали би одел и на четврто дете, а јас велам немам ништо против, децата се најголемото богатство.