Во културно-едукативниот центар „Лабораториум“ вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии на младата авторка Јана Наскова, која е резултат на едномесечната резиденција реализирана во рамките на иницијативата „Градски ѕид за нови лица на македонската културна сцена“.
Изложбата претставува прв јавен настан од оваа иницијатива, преку која „Лабораториум“ ги поддржува и афирмира новите генерации уметници и креативци од независната културна сцена. Во текот на изминатиот месец Наскова работеше под менторство на реномираната фотографка Еџе Али, развивајќи авторски фотографски проект инспириран од урбаниот простор околу неа.
Јана Наскова е родена во Скопје во 2001 година. Дипломирала интердисциплинарна програма по либерални уметности и науки, со фокус на филм, филозофија и литература, во Амстердам, Холандија. Нејзиниот професионален и активистички ангажман опфаќа работа во младински организации, образование, медиуми и граѓански иницијативи. Нејзината работа се движи на пресекот помеѓу уметноста, општествената ангажираност и личниот наратив.
Проектот „Нови лица“ има цел да открие, поддржи и промовира нови автори од македонската независна уметничка и креативна сцена.
































