Јубилејното петто издание на „Маалски фестивал“ ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни во КСП Центар – Јадро и во Паркот на франкофонија. Во текот на трите фестивалски дена посетителите ги очекуваат добропознати маалски програми и лица од претходните изданија, но и нови содржини што ќе го обележат јубилејот: работилници, изложби, уметност во јавен простор, филм, музика, базар и многу простор за средби и маалска дружба.
Програмата започнува со работилницата за креативно пишување „Маалска архива“, под водство на Марија Бошковска, учесниците ќе читаат, ќе шетаат, ќе набљудуваат и ќе собираат траги од маалото, од кои ќе создадат фиктивни маалски хроничари и заедничка архива на невидливите истории. Утре Паркот на франкофонија ќе стане простор за заедничко создавање – ќе се изработуваат куќички за улични кучиња. Со Доротеј Нешовски и Ана Трајковска ќе ја откриваме „Тајната ботаничка градина на нашето маало“. Петочната вечер е резервирана за фотографијата и уметноста во јавен простор. Ќе биде отворена изложбата „Пркосните 12“, завршница на тримесечниот инклузивен курс за фотографија под менторство на Драги Неделчевски. Публиката ќе има можност да го види и новиот мурал на Дејвид Стоилковски. Главниот фестивалски ден е сабота, кога Паркот на франкофонија ќе биде исполнет со програма од пладне до доцна вечер. Ќе биде поставена и инсталацијата „Впивачки тела“ на Зорица Зафировска. За актерите ќе се одржи практичната работилница со Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска. Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров повторно ќе ја водат работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти. Во Монтажната галерија ќе биде поставена изложбата „Архив на траги“ на Аммар Качар, а ќе има и филмско катче на кое ќе биде прикажан документарниот филм „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар.