МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Новите драмски текстови „Сингл“ од Катерина Момева, „Трудници“ од Габриела Стојаноска Станоеска и „Летај, Исак, не застанувај“ од Мартин Миљев се избрани од жирито на пичинг-форумот „Драмолетање 2.0.“, кој се реализира во рамките на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Тие се избрани меѓу 13-те пристигнати на конкурсот што беше распишан во октомври минатата година. Наградените автори ќе учествуваат на пичинг-форумот од 5 до 12 јуни во Прилеп. Нивните драми ќе бидат објавени и во електронското издание „Драмолетање 2.0“.
Текстовите ги оценуваше жири во состав: Милош Б. Андоновски – театарски режисер и наставник, Русе Арсов – продуцент и програмски директор на МОТ, Јасмина Василева – актерка и магистерка по културолошки студии.
– Разгледаните драмски текстови во целина покажуваат интерес за општествено релевантни прашања, но најчесто остануваат на ниво на иницијална идеја, без доволна драматуршка разработка и јасна авторска артикулација. На формално ниво се забележува изразена нерамнотежа: речиси и не постои „средина“ во однос на обемот, туку текстовите се движат помеѓу две крајности – или се исклучително кратки или претерано обемни, со разгранети листи на ликови. Кај кратките драми проблемот произлегува од недоволно развиениот материјал, кој тешко може да издржи целовечерна сценска форма, особено кога краткоста не е јасно дефинирана како свесен авторски избор. Повеќе би можеле да функционираат како една сцена што би била дел од подолга драма со фрагментарна драматургија отколку сами по себе. Од друга страна, драмите со обемен, речиси епски карактер отвораат прашања за нивната продукциска изводливост и драматуршка оправданост, имајќи ја предвид современата театарска естетика, која тежнее кон компактност, економичност и редуциран број на ликови – се наведува во образложението.
Според комисијата, од содржински и драматуршки аспект, најизразени слабости се забележуваат во баналноста и недоразвиеноста на дијалогот, стереотипната карактеризација на ликовите, како и во отсуството на јасно структурирано драмско дејство и изграден конфликт. Значителен дел од текстовите се движи во рамките на веќе исцрпени модели, без нивна доволно оригинална трансформација, што оддава впечаток на постојано повторување на веќе видени и одиграни теми, ситуации и драматуршки решенија. Недостигот од современ критички контекст е особено видлив кај текстови што третираат историски или општествени теми од секојдневието, а притоа потенцијалот за подлабока интерпретација останува неискористен.

– Особено загрижува фактот што ваквиот пристап е присутен и кај помлади автори, што индиректно упатува на поширок проблем во контекст на театарските практики, присутни на репертоарите на театарските или образовните институции, кои често претпочитаат повторување наместо истражување и развој. Како дополнителна заедничка карактеристика кај најголем дел од текстовите се издвојува недоволното владеење на македонскиот литературен јазик и правописните норми, што влијае врз нивната јасност, прецизност и севкупен квалитет. Општиот впечаток е дека постои потенцијал кај дел од текстовите, но тој бара понатамошно развивање преку континуирана работа, менторство и вклучување во драматуршки процеси и работилници. Надминувањето на почетните и често клиширани решенија подразбира поинтензивно критичко читање, запознавање со современите светски текови во драматургијата, експериментирање со формата и појасно профилирање на авторската позиција во однос на темите што се обработуваат – вели комисијата.