Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва ќе настапи на јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат. Претставата е дел од официјалната селекција на фестивалот и претставува современа сценска приказна за стравовите, осаменоста и неизвесноста на денешниот човек. МТФ „Војдан Чернодрински“, кој годинава одбележува шест децении постоење, е еден од најзначајните и најреномирани театарски фестивали во Македонија и регионот.
Фестивалот традиционално ги обединува најдобрите театарски продукции, афирмирајќи го современиот театарски израз и создавајќи простор за уметнички дијалог, критичка мисла и промоција на нови естетски вредности.
Учеството на МНТ во официјалната програма на јубилејното издание претставува значајно признание за претставата и потврда за нејзината актуелност и силна сценска порака. По фестивалското учество во Прилеп, „Страв и надеж“ повторно ќе биде изведена пред скопската публика на 17 јуни, со почеток во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар.
Инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец, автор што со својата хиперреалистична драматургија прецизно ги детектира општествените пукнатини на современиот човек, претставата тематски кореспондира со Орвеловата „1984“, но дејството го поставува во денешницата. Во време на војни, егзистенцијална несигурност, отуѓување и разорување на хуманистичките вредности, ликовите се движат низ свет во кој цивилизацијата опстојува на тенката линија помеѓу надежта и бездната.
Претставата е составена од петнаесет сцени во кои ликовите се соочуваат со пресудни мигови од животот – моменти на страв, осаменост, љубов, притисок и внатрешни судири. Низ жанровски разновидни ситуации, од хумористични до длабоко трагични, се отвораат прашања за човековата ранливост и за опстанокот во современото општество. Во претставата настапуваат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Лола Кукла, Дамјан Цветановски и Нела Павловска. Корепетитор и пијано: Зоран Станишиќ; музички координатор и виолина: Стефан Котевски; кларинет: Никола Соколовски и кахон: Милена Наумовска.
Претставата имаше премиерна изведба на 22 април на сцената на МНТ.