Фото: Игор Бансколиев

По однос на прашањето дали мажите или жените се побезбедни возачи, експертите велат дека жените се потрпеливи и посмирени во сообраќајот, додека мажите се поагресивни и понестрпливи. И во низа анализи се доаѓа до заклучок дека машките возачи имаат поголема самодоверба, склони се за преземање ризик и затоа поголема е веројатноста да направат грешки, односно машките возачи повеќе ги потценуваат ризикот и опасноста во сообраќајот. Но нашиот соговорник инструктор по возење автомобил, од своето неколкудецениско искуство тврди дека „најдобри возачи се оние што имаат сообраќајна култура и кои ги почитуваат правилата во сообраќајот“!

Родов пристап во анализите за безбедност на сообраќајот при
управување со патнички
моторни возила

Стереотипите за жал сѐ уште постојат и се доста чести во нашето општество. И покрај многубројните обиди за нивно надминување, тие се составен дел од нашите животи и дејствуваат дискриминаторски во најголемиот број случаи. Еден од најчестите дискриминаторски стереотипи со кој се соочува секоја жена е тоа дека понежниот пол е полош зад воланот во автомобилот отколку мажите. Автомобилите отсекогаш биле сметани како хоби само за мажите, во кое жените не се разбираат и не треба да се мешаат.
Пред дваесетина години, жените возачи кај нас беа во многу мал број и во тој период жените што сакаа да полагаат за да можат да управуваат со моторно возило, вообичаено, беа обесхрабрувани со објаснувањето дека тоа е машка работа и дека на жена не ѝ прилега да вози автомобил.
И ден-денес бројката на луѓе што сметаат дека жените не се добри возачи не е за потценување. За таа цел, во сообраќајот кон жените учесници се користат еден куп сочни епитети. Меѓутоа, дали е навистина така или, пак, на некои од мажите всушност им пречат претпазливоста, трпението и стриктното почитување на сообраќајните правила и прописи што ги красат жените возачи додека возат?

ЖЕНИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ СЕ ПОВНИМАТЕЛНИ И ПООДГОВОРНИ

Последниве години присуството на жените зад управувачот на моторното возило е сосема природно. Надминати се предрасудите дека жена не може да вози добро, дека има проблем со возење во рикверц или, пак, со паркирање. Но има нешто по што се разликуваат жените возачи, а кое го докажуваат многубројни студии, истражувања и анализи, тие се многу повнимателни при возењето, поодговорни се и повеќе се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи. Разликата е поголема во однос на почитувањето на сообраќајните правила, бидејќи жените повеќе се придржуваат кон нив отколку мажите. Ваквиот однос, според податоците на РСБСП, е забележан кај сите возрасни групи возачи. Статистички, мажите пропорционално повеќе учествуваат во незгоди отколку жените, особено во оние незгоди што се од потешка природа.
Според Дејан Андоновиќ од РСБСП, статистиката покажува дека жените учествуваат во помалку сообраќајни инциденти за разлика од мажите.
– Жените речиси никогаш не се причина за сообраќајки со жртви и повредени. Жените што се мајки се уште повнимателни. Тие ги запазуваат правилата за носење појас, возење деца во заштитно седиште, тие се многу повнимателни возачи. Полицијата ретко кога фаќа жена во алкохолизирана состојба или, пак, која возела со прекумерна брзина. Според моите сознанија, од десет непрописни возачи, само две ќе бидат жени – вели тој.

СТУДИИ ШТО ПОТВРДУВААТ ДЕКА ЖЕНИТЕ ГО ПРАВАТ СООБРАЌАЈОТ ПОБЕЗБЕДЕН

По однос на прашањето дали мажите или жените се побезбедни возачи, експертите велат дека жените се потрпеливи и посмирени во сообраќајот, додека мажите се поагресивни и понестрпливи. Машките возачи имаат поголема самодоверба, склони се за преземање ризик и затоа поголема е веројатноста да направат грешки, односно машките возачи повеќе ги потценуваат ризикот и опасноста во сообраќајот.
Анкетите и истражувањата покажуваат дека мажите, за разлика од жените, подобро се запознаени со опремата за безбедност во возилата. Мажите знаат дека постои електронска контрола на стабилноста, која помага да се спречат незгоди со превртување на возилото, потоа мажите подобро се служат со помошниот алат, поприсебно се однесуваат во случај на сообраќајна незгода, подобро се снаоѓаат во мал простор со тешки маневри, побрзо паркираат итн. Токму тоа создава лажна перцепција дека мажите се подобри и побезбедни возачи од жените.
Според РСБСП, во Република Македонија во просек околу 70-80 отсто од жртвите во сообраќајни незгоди се од машки пол, а 20-30 отсто од женски пол. Истражувањата, анализите и реалноста покажуваат дека жените се многу внимателни возачи, одговорни се и се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи. Брзото и агресивно однесување во сообраќајот не е својствено за жените. Ретко може да се види жена да ги потценува последиците од управување моторно возило под дејство на алкохол. Анкетно истражување направено од РСБСП минатата година покажува дека 60 отсто од жените возачи во Република Македонија се убедени дека тие се подобри возачи од мажите, 88 отсто од жените сметаат дека агресивното однесување во сообраќајот е карактеристично за мажите, 60 отсто сметаат дека мажите се неодговорни учесници во сообраќајот, 63 отсто сметаат дека мажите и жените се рамноправни учесници во сообраќајот, а 37 отсто сметаат дека мажите се доминантни и не ги почитуваат жените како рамноправни учесници во сообраќајот. Најголемиот дел жени сметаат дека мажите се агресивни и тоа сериозно им пречи и им влијае во сообраќајот.
Според Светската здравствена организација, повеќе од 77 отсто од смртните случаи во сообраќајот на патиштата се предизвикани од мажи, околу 72 отсто од жртвите во сообраќајни незгоди се лица од машки пол, а според податоците на светските осигурителни компании, околу 80 отсто од штетите направени во сообраќајниот систем се направени од мажи.
Младите машки лица многу повеќе предизвикуваат сообраќајни незгоди со тешки и со фатални последици во споредба со младите женски лица.
Една сообраќајна студија направена во Њујорк покажува дека 80 отсто од незгодите во кои загинати или тешко повредени се пешаци се предизвикани од возачи од машки пол. Истражувањата на тамошните осигурителни компании покажуваат дека веројатноста жените да предизвикаат сообраќајна незгода со сериозни последици е помала во однос на машките возачи и токму затоа во наредниот период се очекува една нова тенденција на намалување на цените за осигурување за жените возачи.
Истражувањата покажуваат дека машките возачи прават повеќе сообраќајни прекршоци отколку женските возачи. На пример, соодносот на санкционирани машки и женски возачи во САД е следен: за возење со одвлечено влијание е 3,09 спрема 1 во однос машки и женски возачи, користење безбедносни појаси – 3,08 спрема 1, брзо возење – 1,75 спрема 1 итн.

РАЗЛИКАТА МЕЃУ МАЖИТЕ И ЖЕНИТЕ Е ВО ОСОБИНИТЕ, А НЕ ВО СПОСОБНОСТИТЕ

Според експерименталните докази, помеѓу мажите и жените постојат разлики во некои способности и особини, а најочигледна е разликата во физичката моќност, која е двапати послаба кај жените отколку кај мажите, или ако се прикажува во однос на телесната тежина, тој однос е 60 отсто во корист на мажите. Мажите се поиздржливи и се подобри во однос на брзината на одговорот и во перцептивно-моторните задачи, каде што информациите се дадени преку инструментални покажувачи. Тие разлики не се менуваат со возраста. Од друга страна, жените се подобри во вештината на рацете, каде што се потребни фини движења на прстите за задачи кај кои е потребна обработка на информациите преку симболички и семантички материјал. Општо е познато дека жените на сите возрасти побавно се обучуваат и потешко ги стекнуваат првите искуства во возењето.
– Кај мажите, пак, се развиени особини што се карактеристични за возачите што почесто прават незгоди. При симулираното возење, пронајдено е дека тие возат блиску до средишната линија, возат побрзо и со поголема застапеност на користење на педалот за гас. Кај жените се карактеристични пред сѐ поголема внимателност и критичност во сообраќајот и побавно возење, а како резултат на тоа застапеноста на жените во тешки сообраќајни незгоди е значително помала. Жените повеќе ги почитуваат сообраќајните норми потребни за безбедно и правилно одвивање на сообраќајот. Исто така постојат и други позитивни особини што ги прават жените помалку склони кон незгоди, како на пример помалку пијат, поосетливи се и помалку екстровертни. Поточно, ако се претпостави дека постои разлика меѓу мажите и жените во помалата склоност на жените кон возењето, тогаш таа им се препишува на разликите во особините, а помалку во способностите – пишува м-р Мерита Мустафаи, дипломирана сообраќајна инженерка – членка на РСБСП.


Искуства на еден возачки инструктор за пристапот кон возењето на кандидатите за возачи, мажи и жени

Можеби едни од најмеродавните мислења на оваа тема се мислењата на возачките инструктори, кои се надлежни за оспособување на идните учесници во сообраќајот. Вообичаено, инструкторите најголемиот дел од својот работен ден го минуваат по улиците, оспособувајќи ги своите кандидати, па се соочуваат со секакви ситуации.
Според Р.Ѓ., долгогодишен инструктор, веќе не може да се прави таква генерализација.
– Најдобри возачи се оние што имаат сообраќајна култура. Податоците дека жените се подобри возачи или обратно повеќе не може да се земаат здраво за готово, бидејќи состојбата во реалноста е нешто сосема поинакво. Моето искуство, наспроти она што е некако познато, сепак покажува дека сега една од главните карактеристики на жените возачи, додека сум ги обучувал, е – нестрпливоста.
Често ми се случува нешто што не можам да си го објаснам, а тоа е кога обучувам кандидат жена, таа да врши притисок за побрзо да возиме, жена да ни свири и да не нѐ пропушта, иако имаме предност на минување. Сега има жени возачи исто толку колку што има и мажи. Во минатото, да, жените беа побезбедни и повнимателни за разлика од мажите, но сега мојот впечаток е дека и мажите и жените се со еднакво однесување во сообраќајот. Токму затоа и велам дека најдобри возачи се оние што имаат сообраќајна култура и кои ги почитуваат правилата во сообраќајот – вели тој.

[email protected]