Фото: Маја Јаневска-Илиева

Деновиве, во српските медиуми силно одекна изјавата на претседателот на тамошната Либерално-демократска партија (ЛДП), Чедомир Јовановиќ, кој го разбуди заспаниот српски „националистички аспиративно-тенденциозен наратив“ и во контекст на решавање на српско-косовското прашање направи јавна политичка гимнастика, инсинуирајќи дека „со поддршка на ЕУ, Македонија (и некои други балкански држави и територии) би ѝ била оставена на Србија како компензација за изгубеното Косово“!?

Наративот создаван векови околу Македонија и Македонците од страна на соседите, со помал или поголем интензитет практикуван и во актуелните состојби, особено околу македонските евроинтеграции, содржат една константа на апсурдни и непринципиелни ставови, ирационални услови и хегемони соседски тенденции. Имено, нашите балканските соседи (а особено од соседите-членки на ЕУ) токму сега кулминираат со своите испорачани барања, или попрецизно кажано, ултиматуми и уцени. Но токму тоа, како да им даде „животворна енергија“ и на некои други, (навидум) згаснати аспирации на другите не-ЕУ соседи, кои сѐ уште не се дел од Унијата.
Како невообичаен пример, неколку наши соговорници, кои ги регистрираат регионалните политички движења, ни сигнализираа за „атавизмите во однос на аспирациите на Србија спрема Македонија, кои едноставно зачудувачки се надоврзаа на испорачаните европски – соседски барања“ кон Македонија, а во контекст на евроинтеграциите.

Кој во Србија го буди заспаниот „аспиративно-тенденциозен наратив“ кон Македонија

Неодамна, во српските медиуми, претседателот на тамошната Либерално-демократска партија (ЛДП), Чедомир Јовановиќ, го разбуди заспаниот српски „аспиративно-тенденциозен наратив“ и во контекст на решавање на српско-косовското прашање направи јавна политичка гимнастика, инсинуирајќи дека „со поддршка на ЕУ, Македонија (и некои други балкански држави и територии) би ѝ била оставена на Србија како компензација за изгубеното Косово“!?
Јовановиќ тврди дека „ЕУ го измамила поранешниот македонски премиер Зоран Заев кога го убедила да го смени името во замена за влез во ЕУ“! Лидерот на српската ЛДП вели дека според таквиот концепт на понудата од ЕУ, Македонија во сегашниот облик и форма нема да постои.
– Тие (ЕУ) не знаат што друго да прават, па малку ни ја подметнуваат Македонија за Косово, како и северот на Косово, Црна Гора… Проблемот на Македонија ќе го решат така што таа нема да постои. И тоа се случува веќе три години. Го нема веќе Заев. Тој е измамен. Не е измамен од кого било, туку од ЕУ. Тие му рекоа договори се со Ципрас, реши го прашањето меѓу Македонија и Грција. Тој го направи тоа. Тоа е многу тешко прашање во Македонија. Ние (Србите) им ја оспоруваме црквата, Албанците – територијата, Грците – идентитетот, Бугарите – сѐ, и јазик, и идентитет. И тој го направи договорот во Преспа. И наместо да ги отворат преговорите, ЕУ ги одложи за шест месеци. Тоа беше француско-германска иницијатива, кога Макрон „паметно“ рече – не е време за проширување на ЕУ. Во меѓувреме се појавија Бугарите и сега имаат најнов услов, на кој Македонија мора да одговори. Бугарите бараат бугарскиот јазик да биде изедначен со македонскиот и албанскиот, Македонија да биде држава на бугарскиот, како и на македонскиот народ, значи го бараат она што Македонците никако не можат да им го дадат – кажува Јовановиќ во интервјуто.
Според моменталната позиција на Чедомир Јовановиќ на српската политичка сцена, тој не се смета за политичар што е во мандат да носи и да спроведува државни институционални одлуки, но од друга страна има репутација на политичар што е „инсајдерски и одблизу запознаен со политиките на ЕУ и САД во регионот“, како и за „добро упатен политичар во регионалните односи“. Официјален Белград одамна не употребува негаторски наративи со кои би се оспорувало македонското постоење, како нација со автохтон идентитет, но во македонската јавност постои сѐ уште доза претпазливост од нивно воскреснување, со оглед на фактот што сите соседи на Македонија имаат различни форми на нескриени претензии, а со заеднички именител, негативен за Македонците и македонската држава.
Во конкретниот случај, повеќе загрижуваат инсинуациите за влегувањето на ЕУ во контекстот на балканските интриги со соседски претензии спрема Македонија. Наместо да се придржува до своите демократски вредности и официјални принципи за проширување, ЕУ со своите одлуки и потклекнување пред анахроните националистички каприци на нејзините земји-членки, дозволува да биде вовлечена во игра на „балканизација“, појава што самата ја квалификува како негативна и ретроградна.

Српски радикални кругови и понатаму имаат хегемонистички наративи со претензии спрема Македонија

– Во мигов, а и од поодамна Чедомир Јовановиќ е ирелевантен политичар и во самата Србија. Но тоа не го исклучува фактот дека во српските националистички кругови и понатаму се постојано присутни тие наративи со претензии спрема Македонија. Но, за разлика од Бугарија, каде што главните носители на официјалната политика на државата нескриено ги манифестираат, па дури и уценуваат со националистичките аспирации спрема Македонија, таков однос од официјалните политичари од Белград одамна не се практикува. Не може да се исклучи дека и во ЕУ има такви маргинални политичари, кои лесно вербално си поигруваат со такви приказни за некакви територијални компензации. Но, историски гледано, такви територијални прекројувања на граници, територијални „компензации“ се случуваат со (по) светски војни. Геополитичките перспективи за Балканот не покажуваат такви тенденции за менување граници, колку и да се гласни таквите комбинации. Но во секој случај, колку и да се нереални, ваквите наративи се штетни за регионот, зашто го бојкотираат развојот на државите и де им дозволуваат да одат напред, а ја компромитираат и самата ЕУ – вели историчарот Александар Литовски.
Како дополнителен аргумент за несоодветниот пласиран наратив за компензација со територии, Литовски поставува реторичко прашање: „Зошто некој би ѝ компензирал сега на Србија, за нешто што одамна го изгубила? Тој не смета дека српско-косовското прашање, колку и да претставува предизвик за ЕУ, би се решавало со територијални компензации.
Но поранешната амбасадорка и новинарка, Мелпомени Корнети, цени дека самото ставање на ЕУ во контекст на поддршка за ваквите територијално-компензациски иницијативи, макар и во некакви неофицијални балкански интриги, треба да ја зголеми внимателноста во Македонија за Унијата како стабилен сојузник.
– Доколку ЕУ не дадеше поддршка на националистичките уцени на Бугарија и на Грција спрема Македонија, односно нашето членство во Унијата, ваквите шпекулации за некакви територијални компензации на Балканот ќе беше лесно да се отфрлат како несериозни. Но во ситуација кога Македонија е под постојан притисок за апсурдни и антицивилизациски барања од соседите, а ЕУ бара форма како тоа да го претстави како „европски услов“, сепак треба повнимателно да пристапуваме кон сѐ што на прв поглед ни изгледа невозможно и бесмислено. Несомнено Македонија е ставена во геополитички игри, за кои македонските политичари не се дораснати, или се прават дека не ги гледаат. Во регионалниов миг, Србија е поголем и незгоден предизвик за ЕУ, од Македонија, па овие приказни за територијална компензација, веројатно се некаков скриен начин да се смири Србија. Во Македонија, контролниот механизам што го воспостави меѓународната заедница се политиките и барањата на албанскиот фактор. Ако некои субјекти од ЕУ навистина се вклучени во вакви балкански интриги, треба да се зголеми внимателноста за довербата на Македонија спрема Унијата како стабилен сојузник – предупредува Мелпомени Корнети.