Првите христијани воскреснувањето го одбележувале секоја недела. Од крајот на првиот век почнало да се одбележува секоја година. Овие одбележувања биле проследени со горливи дилеми околу датумот, кој предизвикувал чести збрки. Метежот бил решен на Никејскиот собор во 325 година, кога дефинитивно било утврдено Велигден да се слави првата недела по полната месечина по пролетната рамноденица
Велигден е празник на воскреснувањето на Исус Христос и на црвеното јајце. Општо гледано, јајцето има големо значење во религијата, митологијата и магијата кај многу народи во светот. Се смета за симбол на животот, во верувањата на некои народи од јајцето настанал светот. Посебно место во христијанската религија има црвено обоеното јајце. На велигденските црвени јајца им се припишуваат симболите на плодноста, здравјето, повторното раѓање, светлината, на периодичното обновување на природата.
За обичајот за вапсување велигденски јајца кружат повеќе легенди меѓу христијанските верници. Некои кажуваат дека овој обичај настанал како спомен на маките на кои бил изложен Исус кога го воделе на распнување по ерусалимските улици кон Голгота. Насобраниот народ врз него фрлал камења, а фрлените камења се претворале во црвени јајца. Слична легенда вели дека налутените Евреи ги бојадисувале сматоците и со нив го гаѓале Христовото намачено тело. Сматоците биле посебна навреда и начин да се искаже понижување кон маченикот.
Една друга легенда е поврзана со Богородица, мајката Исусова. Имено, Мајката Божја на гробот на својот син, како знак на жалост, ставила три бели варени јајца. По воскреснувањето, јајцата сами од себе станале црвени. Според друга приказна, еден од стражарите што го чувале распнатиот Христос се тресел од страв Христос да не воскресне, зашто за таква можност се шепотело меѓу луѓето. Сакајќи да го смират, другите што биле со него му рекле дека е можно Христос да воскресне онолку колку што е можно печена кокошка приготвена за ручек да летне и да снесе црвени јајца. Легендата вели дека во истиот миг пред нивни очи летнала кокошка, снесла црвено јајце и одлетала кон небото.
Проучувајќи го симболизмот на вапсувањето на јајцата, некои теолози дошле до сознание дека тоа се прави во спомен на средбата на Марија Магдалена со царот Тибериј во Рим. Наводно, Магдалена на римскиот цар за новогодишен подарок му подала црвено јајце и го поздравила со зборовите „Христос воскресе“. Марија Магдалена е сестра на Лазар, кого Исус го оживеал три дена откако умрел. Таа е придружничка на Исус во последните негови денови. Заедно со Богородица го следи распнувањето на крстот и е жената што прва го виде празниот гроб на воскреснатиот и го разнесе гласот за тоа божјо чудо.
Горенаведените легенди не се составен дел на Библијата, ниту на литургиите во црквата. За црквата црвената боја ги симболизира невино пролеаната крв на Спасителот на Голгота и светиот чин на воскреснувањето. Во аналите на христијанска црква обичајот за вапсување јајца се споменува првпат во 12 век, а на балканските православни простори по четиристотини години.
Првите христијани воскреснувањето го одбележувале секоја недела. Од крајот на првиот век почнало да се одбележува секоја година. Овие одбележувања биле проследени со горливи дилеми околу датумот, кој предизвикувал чести збрки. Метежот бил решен на Никејскиот собор во 325 година, кога дефинитивно било утврдено Велигден да се слави првата недела по полната месечина по пролетната рамноденица.
Подоцна, по 16 век, по разликите меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар, дојде до ново разидување меѓу христијаните од западните цркви и православните христијани, така што датумите на Христовото раѓање и воскреснување се различни и денес. Сепак, по астрономските пресметки, Велигден може „да се падне“ најрано на 2 април (22 март по стариот календар), а најдоцна на 8 мај (25 април по стариот).
Јајцето ѝ припаѓа на симболиката на сигурноста, како куќата, гнездото, школката, мајчините прегратки. Но, од друга страна, животот (човекот) се стреми да излезе од слатката сигурност, ја чувствува потребата да биде слободен наместо покорен. Сведоштво е што пилето ја крши лушпата од меката и топла обвивка и фаќа свој пат, свој живот. Најсоодветна споредба за потврда на таквиот инстинкт е со постапките во семејството, односно се децата кога ќе пораснат. Како што пилето летнува, се одвојува од кокошката, така децата се оддалечуваат од мајката и од семејството.
Неколку источни митологии говорат дека и Земјата и вселената настанале од јајце што плутало во водите на океаните, од него излегло митско суштество што успеало да ги поврзе земјата и небото создавајќи ветер, облаци, молњи и грмежи. Уште за Старите Египќани, Персијци, Грци, Римјани јајцата ги симболизирале раѓањето, плодноста, пролетта, природните изобилства, најавите за новиот живот што стигнува по зимата. Милењето дека светот настанал од јајце е заедничко и кај Феничаните, Тибетанците, Индијците, Кинезите, Јапонците, кај сибирското население.
Според слични верувања, светот не е плоча туку огромно исправено јајце. Небото и ѕвездите се долниот и горниот дел од лушпата, Земјата е жолчката што плива среде првобитниот океан. Со периодичното движење на овој океан се создаваат годишните времиња. Сонцето ги создало луѓето за да го населат светот. Тоа испратило на Земјата три јајца. Од првото, златно, се создадени благородниците, од второто, сребрено, се создадени нивните жени, од третото, бакарно, е создаден народот.
Според финскиот еп Калевала (превод на македонски Весна Ацевска), кога Девицата, божица на водите, изнурнала со коленото од првобитните води, врз неа, Патката, господар на воздухот, положила седум јајца, од кои шест златни и едно железно. Девицата нурнала, јајцата се скршиле и го смениле обликот. Од јајцето, долна лушпа, сува земја се исчушпи, од лушпа горна свод небесен се откорна, од жолтката од горен крај светна сонце златнозрачно, од белката, од горен дел, месечина со сребрен сјај, од дамките, шарените, растат ѕвезди на небото, од дамките, потемните, облаците на земјата.
Едно од најчесто поставуваните прашања во историјата на човекот е што е постаро: јајцето или кокошката. Тоа е парадокс што први го поставиле филозофите во античка Грција и го наведувале како проблем во објаснувањето меѓу причините и последиците. Навистина што е постаро? Иако науката тврди дека кокошката е постара од јајцето, загатката останува да виси и ќе виси уште долго време меѓу луѓето.
Велигден е, не е ден некого да го боли главата за такви дилеми. И така нив ги има премногу. Да ги поздравиме и прославиме деновите што ги симболизираат воскреснувањето, здравјето, повторното раѓање, светлината и периодичното обновување на природата. И покрај сите маки и распнувања што ги доживуваме како граѓани на оваа кревка држава, велигденските денови се денови на радост и на надеж. И за верници и за неверници.