Чудните нервозни суштества од непозната галаксија се споменуваат на крајот од колумната

Читам наслови. Многу битен Американец доаѓа во Нордистан. Ќе се бори со руски влијанија кои пенетрираат во нордистанското општество. Фрлам поглед кон масата. На неа спремни за читање две нови книги. Довлатов и Сељников. Пред тоа го завршив „Т“ од Пељевин. Пред Пељевин ја читав „Воскресение“ од Толстој. Ме фаќа паника. Си велам, не е убаво вака, воопшто не чини. Јас не сум под руско влијание, туку под нивна окупација. Под итно мора да се променам. Подобро веднаш да прочитам некој американски писател, оти не е на арно работава. И се фатив за Исак Асимов.
Па, дали сум јас нормален? Од сите можни Американци, јас се фатив за руски Евреин. Не, не, ова дефинитивно не е океј. Јас не сум океј. Сеедно што го користам американизмот „океј“. Ете, заради ваквите како мене човекон доаѓа во Нордистан. Си остава семејство, се ака на крајот на светот, го мислат по дома, а тој мора, којзнае по колку непроспиени ноќи во кои загрижен бдеел над здравјето на нордистанците, да се расправа со вакви аздисани како мене.
Добро бе, Русјаков, може барем за празников да олабавиш со твојот напорен и нецивилизациски цинизам?
Не можам. Оти и празников ми создава панични проблеми. Велигден. Господовото воскресение. Љуби го непријателот свој! Така учи Господ Исус Христос. Јас живеам во Нордистан. Нордистан е членка на НАТО. Трча накај ЕУ. Тоа е мојот свет. Светот наречен меѓународна заедница. Непријател на меѓународната заедница е Русија. Љуби го непријателот свој! И сега, треба или не треба да го слушам Господ? Можеби најпаметно ми е да земам некој американски грант. Не многу голем, неколку илјади долари, да не ѝ брцам премногу раче во медот на интелектуалната бижутерија, чисто да ми се отворат чакри за западни вредности. Уф, на доларот пишува „Во Господа веруваме“. И јас верувам во Господ. Господ вели љуби го непријателот свој. Не можам, ќе ми експлодира главата.
Русјаков, ако продолжиш вака, може стварно да ти експлодира главата.
Сфаќам, ми треба лекување. Ќе читам американски медиуми. Тоа е лекот. Така правам. Американските медиуми објавуваат тајни документи што протекоа од Пентагон. Во нив пишува дека САД постојано ги шпионираат своите сојузници. Република Кореја се лути. Израел се лути. Добро сега, сето ова ни го кажа Едвард Сноуден, ама „снешкото“ кидна во Русија, па затоа сигурно лаже, краде, има вошки и спие на руски таван. Значи, кој го врти, не е за верување. „Њујорк тајмс“ е далеку поверодостоен. Тие објавуваат тајни документи што протекоа од Пентагон. Во нив пишува дека САД…

Фак! Заеби! Ќе си читам јас нордистански медиуми. Во нив ништо не пишува. Патем, поамерикански се од американските. И провладините и опозициските. Да беше Марк Твен жив, „Новинарството во Тенеси“ ќе станеше „Новинарството во Нордистан“. Да, да, во нордистанските медиуми ништо не протекува. Сè е закрпено. Нема дупче за вистина да капне. Па, нормално! Ова е домаќинска куќа, глупо е нешто да протекува. Особено вистина. Господ Исус Христос рекол јас сум патот и вистината. Потоа додал љуби го непријателот свој. А непријател е Русија. И сега, вакви како мене кои ги бараат патот и вистината, верувајќи во Бога, го слушаат Бога, па ја љубат Русија. Веднаш фактчекрите да проверат дали Господ Исус Христос потпаднал под руска пропаганда и финансии. Можеби во онаа негова чудесна парабола не мисли на таланти, туку на рубли. Згора на тоа, цел свет наречен меѓународна заедница ја осуди Русија, а Исус ни се заканува дека ако судиме, и нам ќе ни се суди.
Добро сега, да не бидам и јас толку злобен, сепак нешто протекува и кај нордистанските медиуми. Еве, џавкаат против договорот со „Бектел и Енка“. Бектел и Енка, Бектел и Енка… кога првпат ги чув, се запрашав, зошто ми звучи милозвучно и на што ме потсетува? И се сетив. Бектел и Енка како Пумба и Тимон, Ивица и Марица, Лолек и Болек, Маза и Луња… не, никако Маза и Луња. Маза и Луња во оригинал гласи „Lady and the Trump“, а тоа, нека ми прости Дизни, звучи како порнофилм. Порно Лејди и реднек Трамп. Хм, лоша порнопоезија. Нордистан кенка, зашто дојде време да се стенка, под моќното тело на „Бектел и Енка“.
Извинете вака на суровост, ама не разбирам што е пиштењево? Нордистанската слобода и блескавата иднина, од небо да не ви паднаа? Нордистанците случајно да не вложија милиони за пропаганда, шарени револуции, тирански платформи, поткупување пратеници, судии и обвинители за промена на име и монтирање процеси, они да не октроираа влади кои ќе ве ослободат од идентитет и радиодифузна такса? Срушиле режим со пенкало, а ха, жими соработников, а пенкалата што ги купи? Така е тоа, драги мои мази и луњи, лејдис енд трамповци, името Македонија не ви ги плаќаше сметките, ама сега дојде името Нордистан да си ги наплати сметките и затоа, shut the fuck up! Има да си работите повеќе, за пониски плати, со кои ќе купувате поскапи производи, оти кога се откажуваш од она што си за да станеш она што не си, се претвараш во роб, а секој роб има господар, само денеска политички коректно, робот се нарекува слободоумен граѓанин, а господарот, стратегиски партнер.
Е па ај, ако не, на Русите и Кинезите да им робуваме!

Така е! За добровоспитаните робови секогаш еден е изборот и нема друга алтернатива. Секое поинакво размислување го доживуваат како робување, ама на другиот господар. Самобитност, себепрепознавање и слободна волја се непостојни категории, оти не се одобрени од „повисоките однадвор“. И тие навистина постојано живеат во „еден е изборот“, само што му ја менуваат формата, не и суштината. Денес ја крши сликата на Сталин за Тито да не го прати на Голи Оток. Утре ти ја носи интимата во ходниците на тајните служби, затоа што го труеш светиот комунизам со западна демократија. Задутре станува Американец поголем од Американците и ти праќа фактчекери во постела ако не ја мразиш Русија. Затоа, робовите на моќта и парите им се потсмеваат на оние кои избираат да ѝ робуваат на љубовта која има слободна волја. Оти непријателите се менлива категорија, вчера беа Американците, денес се Русите, утре ќе бидат чудните нервозни суштества од некоја непозната галаксија, само љубовта не се менува, таа е вечна и божествена, па затоа љуби го непријателот свој е избор на вистинската слобода.
Христос воскресна!