Фото: Игор Бансколиев

Од натпревар во натпревар сме сѐ подобри. Сѐ повеќе наликуваме на тим каков што посакувам да имаме, изјави селекторот Благоја Милевски по победата над Малта. На ЕП 2024 ќе играат најдобрите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2024 ГОДИНА

Фудбалските репрезентации на Македонија и на Англија се во водство во групата Ц по првото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство во Германија в година, откако двете селекции победија со по 2-1, Македонија дома со Малта, а Англија на гости кај актуелниот европски првак Италија.
– Најважно е дека победивме. Од натпревар на натпревар сме сѐ подобри. Сакам да им честитам на момците за енергијата, желбата и за тактичката дисциплина што ја покажаа. Сѐ повеќе наликуваме на тим каков што посакувам да имаме – изјави селекторот Благоја Милевски.
Првото полувреме од натпреварот со Малта заврши без голови и без директен удар во головите, но во второто полувреме Македонија имаше шанси за поубедлив триумф, а головите за Македонија, со убави удари од дистанца, ги постигнаа Елиф Елмас и Дарко Чурлинов (голот за Малта го постигна Јаник Јанкам). Елмас стана деветтиот македонски фудбалски репрезентативец со двоцифрен број голови за Македонија. Тоа беше седмиот меѓусебен меч на Македонија и Малта, а црвено-жолтите сега имаат шест победи и еден нерешен резултат.
Во второто коло во рамките на групата Ц, на програмата утре, Македонија е слободна, а од 20.45 часот се среќаваат Англија – Украина и Малта – Италија. Следните натпревари на Македонија во квалификациите за ЕП 2024 се закажани за во јуни, прво со Украина, дома, на 16-ти, а потоа со Англија, на гости, на 19 јуни.
На 17-то континентално фудбалско првенство веќе е пласирана репрезентацијата на Германија, како домаќин на турнирот, а ќе играат и најдобрите две селекции од секоја од десетте квалификациски групи, како и трите победници на плејоф-натпреварите од третата сезона на Лигата на нациите, во лигите А, Б и Ц.
Фудбалската репрезентација на Македонија в понеделник треба да одигра пријателски дуел со Фарските Острови (од 18 часот), во Скопје. Тоа ќе биде прва меѓусебна средба на двете репрезентации и вкупно 67. селекција со која Македонија ќе одигра натпревар, а 50-та од 55-те членки на Европската фудбалска унија (УЕФА). Од репрезентациите од Европа, Македонија досега не одиграла меч и со Франција, Грција, Сан Марино, Северна Ирска и со Швајцарија. Н.М.


И понатаму без пораз дома во прво коло од квалификации

Македонската фудбалска репрезентација и понатаму е без пораз на свој терен во прво коло од квалификациски циклуси за европските и за светските првенства, по победата на натпреварот со селекцијата на Малта, со 2-1, во Скопје, во циклусот за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија.
Црвено-жолтите досега одиграа седум средби дома, забележаа шест победи и едно реми, со вкупна гол-разлика 17-3. Победите се над репрезентациите на Малта (двапати), Лихтенштајн, Ерменија, Шкотска и на Летонија, а ремито е со Данска, која тогаш (во циклусот за ЕП 1996) беше актуелен европски првак.
Во прво коло на гости, пак, Македонија досега одигра осум натпревари, забележа по една победа и реми и шест пораза, па вкупно има позитивен резултат во првите квалификациски кола, со седум победи, две ремија и шест пораза, со вкупна гол-разлика 23-20. Н.М.


ГРУПА Ц

Македонија – Малта 2-1
Италија – Англија 1-2
ТАБЕЛА
Македонија 1 1 0 0 2-1 3
Англија 1 1 0 0 2-1 3
Украина 0 0 0 0 0-0 0
Италија 1 0 0 1 1-2 0
Малта 1 0 0 1 1-2 0
Идно коло (утре): Англија – Украина, Малта – Италија.