Шпанија сигурно ќе има два тима на фајналфор-турнирот, откако две четвртфинални двојки се составени со екипи од таа земја, меѓу кои и актуелниот победник на Лигата на шампионите на ФИБА, Леново Тенерифе

КОШАРКА – ЧЕТВРТФИНАЛНИ ДВОЈКИ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Телеком Бон, кој беше единствениот клуб што натпреварите од втората фаза по групи во Лигата на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги заврши без пораз, а во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, за пласман во полуфиналето ќе игра со ланскиот четвртфиналист, француски Стразбур, реши вчерашната ждрепка во швајцарскиот град Миес.
Шпанија сигурно ќе има два тима во полуфиналето, откако две четвртфинални двојки се составени со екипи од таа земја. Во четврт-финалето ќе играат Телеком Бон (Германија) – Стразбур (Франција), Хапоел Ерусалим (Израел) – АЕК (Грција), Леново Тенерифе (Шпанија) – Манреса (Шпанија) и Уникаха (Шпанија) – Мурсија (Шпанија). Актуелен победник на Лигата на шампионите на ФИБА е Леново Тенерифе.
Шортс во ова натпреварување сезонава е втор асистент и петти стрелец, односно во Лигата на шампионите сезонава има просек од 18,6 поени, 7,5 асистенции и 4,1 скока по натпревар. Тој беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на ЛШ за декември 2022 година.
Стразбур е основан во 1929 година и во него играат осум странци. Во лигата на Франција бил шампион во 2005 година, во Купот на Франција триумфирал во 2015 и во 2018 година. Телеком Бон е формиран во 1992 година и неговите бои ги бранат девет интернационалци. Тој тим сезонава е втор според просечната ефикасност во Лигата на шампионите, со 84,8 поени по натпревар.
Четврт-финалето треба да почне на 4 април, а првоименуваните тимови во двојките ќе го играат дома и потенцијалниот трет натпревар во серијата што се игра до две победи. Вкупните победници ќе се пласираат на фајналфор-турнирот. Г.И.


ЛШ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Телеком Бон – Стразбур
Хапоел Ерусалим – АЕК
Леново Тенерифе – Манреса
Уникаха – Мурсија
серијата до две победи почнува на 4 април