Босанскиот сериски убиец Един Гачиќ, можеби е единствениот што е ликвидиран од полицијата и чиј леш ниту неговото семејство не сакало да го земе за да го погребе. Роден во 1976 година во Бања Лука, патот до злото го започнува за време на војните на просторот на поранешна Југославија. Бил војник на Третиот корпус на Армијата на Босна и Херцеговина, позната по најмонструозни злосторства. Криминолозите претпоставуваат дека, најверојатно, последиците од војната направиле длабоки нарушувања на психата на Гачиќ. Бидејќи бил дел од тимот што вршел морбидни измачувања на српски војници, а и самиот изјавил дека за тие цели бил дрогиран, многу е веројатно дека сето тоа придонело да стане сериски убиец
ЕДИН ГАЧИЌ, СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД БАЊА ЛУКА (3)
Кога ќе се спомене терминот сериски убиец, првата реакција е дека тука кај нас на Балканот вакви луѓе нема. Токму тоа е и заблудата. Изненадува фактот дека токму тука, на Балканот, има голем број случаи на сериски убијци што немилосрдно убивале без трошка милост, страв и сочувство. Некои од нив дури оставиле голем белег во светски рамки. Веќе пишувавме во неколку наврати дека на Балканот има случаи како да се пишувани за филмски хорор-фикции, во кои главните улоги ги толкуваат сериски убијци чии мотиви за убивање никогаш не се докрај расветлени. Освен Хрватска, Србија и Црна Гора, и Босна и Херцеговина има убиец од кој, според сведочењата и истрагите, се замрзнува крвта во вените. Станува збор за Един Гачиќ, кој првото убиство го извршил на 22-годишна возраст, иако убивал и претходно, бидејќи активно учествувал во војната во Босна.
КОЈ БИЛ ЕДИН ГАЧИЌ
Босанскиот сериски убиец Един Гачиќ, можеби е единствениот што е убиен и чие тело ниту неговото семејство не сакало да го земе за да го погребе. Роден во 1976 година во Бања Лука, патот низ злото го започнува за време на војната со која се распадна Југославија. Бил член од Третиот корпус на Армијата на Босна и Херцеговина, која е позната по најмонструозни злосторства над српските војници.
Најверојатно, последиците од војната го направиле своето. Бидејќи бил дел од морбидни измачувања на српски војници, а и самиот изјави дека за тие цели бил дрогиран, многу е веројатно дека траумите од сето тоа го направиле сериски убиец.
Гачиќ по само неколку години по завршувањето на војната во БиХ, во 1998 година го убил соборецот од одредот „Ел муџахид“, Исмет Гуниќ од Бања Лука.
Поради ова злосторство судот го осудил на осум години затворска казна, а кога одлежал повеќе од две третини од казната стекнал право на слободни денови од Казнено-поправниот дом – Зеница.
За да се стекне со епитет на „жртвено јагне“ и да ги придобие симпатиите на властите, Гачиќ уште во 2010 година, кога бил сослушуван од страна на инспектор од Агенцијата за истраги на БиХ за злосторствата што ги извршувал заедно со воената група, тој сведочел дека Арапите што биле на чело на одредот го дрогирале со хептанон, артан и други дроги, непосредно пред да војуваат со војската на противниците. Тој раскажал и дека за еден убиен Србин добивале пиштол со посвета. На полицијата исто така ѝ кажал дека во раното детство бил сексуално злоупотребуван.
Шеснаесетгодишникот што стана немилосрден сериски убиец
СО ДВА КУРШУМА ЈА УБИЛ МАЈКА СИ
Додека ја одлежувал затворската казна за првото официјално убиство, Гачиќ интензивно работел на остварување на идејата за купување пиштол. За таа цел штедел и пари во затворот. Успеал да заштеди 400 конвертибилни марки.
Во својата намера успеал кога бил пуштен на слободен викенд на 25 август 2002 година.
Со заштедените пари успеал да си купи оружје и заминал кај својата мајка Сифета, која живеела во Зеница. Гачиќ испукал два куршума во неа без ни малку сомнеж и побегнал. Несреќната мајка им подлегнала на повредите што синот ѝ ги направил со огненото оружје за кое штедел пари.
Полицијата успеала да го најде само неколку дена подоцна, а Кантоналниот суд во 2003 година го осудува на единствена казна од 20 години затвор. Во оваа казна му биле обединети и пресудите за убиството на соборецот и за убиството на неговата мајка.
Баба Анујка – банатската вештерка
ДЕВЕТ ДЕНА ГО БАРАЛЕ 1.200 ПОЛИЦАЈЦИ
Меѓутоа, во средината на 2017 година, тој ја отслужува казната и излегува на слобода. Како живеел кога излегол од затвор не е познато. Малкуте информации достапни на јавноста се дека го продал станот што го имал во Бања Лука и се преселил во Коњиц.
На почетокот на февруари 2019 година, само година и пол по излегувањето од затвор, Гачиќ повторно извршува злосторство.
Без никаков повод, но со јасен мотив, тој со автоматска пушка прво пукал во телото на неговиот сосед Суад Султановиќ, а потоа го бодел со нож. Злосторството го извршил во продавница во местото Подорашац, кај Коњиц, по што повторно избегал. Бегајќи од полицијата, тој го убил полицискиот службеник Махир Бегиќ и го зел неговиот пиштол.
Потоа, полицијата започнала опсежна потрага, а во цела Босна завладеала страшна паника.
Потрагата за него траела девет дена. За тоа време Гачиќ се криел во шуми и запуштени објекти и викендички.
Владата на Кантонот Сараево дури распишала и награда од 50 илјади конвертибилни марки за тој што ќе го најде Гачиќ, а во потерата биле вклучени и неколку стотини припадници на Федералната полиција. Поддршка за пронаоѓање на злосторникот дала и полицијата на Република Српска. По него трагале вкупно 1.200 полицајци.
Убиецот конечно бил совладан на 12 февруари во местото Кошчан. Бил опколен од 45 специјалци. Кога сфатил дека нема каде да бега прво забил нож во земјата, а потоа го зел службениот пиштол на полицаецот што претходно го убил и почнал да пука кон полицајците. Испукал цел шаржер, при што полесно повредил еден полициски службеник.
Потоа бил ликвидиран од страна на полицијата. Починал на 42-годишна возраст. Било констатирано дека бил исклучително добро опремен со оружје кога ја започнал пресметката со полицијата.
– Полицајците и обвинителите работеа во отежнати услови поради силните снежни наноси, непристапен терен и темнината. Увидната екипа мораше пеш да се качува по стрмни патеки прекриени со снег цели 45 минути. Неговото тело со погребно возило е пренесено во мртовечница – изјави тогаш портпаролот на обвинителството на Кантонот Сараево, Азра Бавчиќ.
Откако полицијата дошла до него, констатирала дека Гачиќ подолго време се подготвувал за пресметка со полицијата. На себе имал волна со која се штител од студот во шумата во која престојувал, а во пресметката со полицијата го користел пиштолот што го зел од убиениот полицаец. Количеството муниција и чаури пронајдени кај него по ликвидацијата укажуваат на тоа дека бил исклучително добро опремен со оружје.
– Един Гачиќ дејствуваше како атомска бомба. Во животот не сум сретнал поопасен човек од него – изјави Мирослав Субашиќ од здружението „Мозаик на пријателството“, каде што убиецот работел на ресоцијализација по отслужувањето на 20-годишната затворска казна поради двојното убиство.
Нисвета Чатиќ, тетка на убиецот, за босанските медиуми изјавија дека тој не треба да живее.
– Не знам што да ви кажам, во шок сум. Сите сме во очајна состојба, целото наше семејство. Ова е голема трагедија, да не си им во кожата на семејствата на убиените. Нема оправдување за сето ова – раскажа Нисвета, чија сестра е мајка на Гачиќ, која тој ладнокрвно ја уби.
На неговиот погреб немало ниту еден член на семејството. Присутни биле само гробарите.