Ф – Февруари
Од дванаесет месеци
што годината
ни ги дари –
вториот месец
се вика февруари!
И нека е февруари,
и нека е зима,
и ветрот нека фучи,
ветрот нека дува
шалчето тебе
од студот ќе те чува.
Вера Андон ( Од книгата
„Ха – ха од Ш до А“ )
Февруари
Еве дојде февруари,
преку Шара, преку Кораб,
но се прави како удрен –
по глава со мокар чорап.
Еве дојде февруари,
тој палавко мал и бесен,
седете си сите дома,
тој сам надвор
нек се тресе.
Јас во него верба немам,
час со сонце, дожд и ветер,
денес ќе ти смрзне уши –
а утре ќе биде бетер.
Но за среќа кратко трае,
со Северко оро води,
преку глава ми е качен –
едвај чекам да си оди.
Наум Попески
(Од книгата
„Летни, светни, светулке“)
Зимско пладне
Зимско пладне
идилично,
одамна веќе,
ништо слично,
моето око
не видело.
Поле бело
дрво бело
село бело
и весело.
Весели се
сонцето,
пилињата
момчињата,
девојчињата.
Снегулките,
грутките од снегот,
санките што се,
на врвот на брегот.
Сите се подготвени
да се втурнат
во весела
авантура.
Тука секој е среќен
секој е смешко,
некој прави
Дедо Снешко.
Некој сака
да се скија,
некој кашла
некој кива.
Но за секој случај,
сепак,
дома топол чај
ги чека.
Радислав Јовиќ (Р Србија)
Препев од српски на
македонски јазик:
Филип Димкоски
Зимска екохимна
Февруари е.
Небото како огледало е чисто.
А и сонцето некако примамливо пече.
Да си дома или во природа, не е исто. Затоа дедото на внучето му рече:
– Облечи се добро. На прошетка ќе одиме Марко!
– А каде дедо? – внучето праша.
– Далеку од чадот… Се знае во паркот…
Дедото уште не ни дорече, а Марко беше подготвен: ем обуен, ем облечен! Се фатија за раце и часкум излегоа. Минаа две-три улички и ви паркот навлегоа. Шетаа и разговараа два часа цели.
– Во природата – рече дедото – е пријатно, нели?
-Тоа е дедо – му врати детето – поради смогот, сметот и чадот!
Разговорот од грмушките им го слушна Ќосот. Скокна пред нив и засвирка со носот:
„Што е убав овој свет,
овде отпад, таму смет!
Нигде цвеќе, трева, лад –
сегде бетон, смог и чад!
Мртви реки и пуст брег,
кисел дождец и црн снег.
Воздух-катран, в село, град
– тешко дише стар и млад…“
Марко го слушна пиленцето како пее.
– Ќосево, дедо – праша – нам ли ни се смее? Или, пак, некоја негова зимска екохимна, оваа песна ќе е?!
Киро Донев
(Од книгата „Моите раскази“ )