Како резултат на повеќе од тридецениската успешна соработка на двете општини, Кавадарци од Македонија и Ковин од Србија, пред четири години, по повод празникот на лозарите Свети Трифун, беше реализирана прекрасната идеја за организирање меѓународен фестивал на традиционална музика насловен „Срма“. Всушност, името на фестивалот е составено од првите букви на двете држави Србија и Македонија сочинувајќи го зборот Срма, кој означува сребрена или златна жица или конец со кој се украсува народната носија со везење. Симболично фестивалот има цел да ја негува традиционалната музика на двата народа и да го негува етномузичкиот израз меѓу младите.
Идејни носители на овој фестивал се Златко Јованов, директор на ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци, и Миловој Грчиќ, директор на Центарот за култура на градот Ковин. Тие посакуваат „Срма“ да прерасне во традиционална манифестација што ќе ги поврзува двете држави. Поради корона-пандемијата по првото издание на фестивалот во февруари 2020 година во Кавадарци, второто издание се случи дури во декември минатата година во Ковин, каде што настапија млади музичари од основни и од средни училишта од двата града. Од страна на основното музичко училиште „Лазо Мицев-Рале“ во подготовката на учениците се погрижија професорите: Радица Костадинова, Горан Јанев и Даниела Паланкова Маџункова, додека организацијата му беше препуштена на Жељко Марковиќ.
Третото издание на фестивалот „Срма“ ќе се случи на 13 февруари во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, со почеток во 19 часот. Се предвидува да бидат исполнети вкупно 12 песни, по шест од секој град, и на крајот како и на претходните фестивали учесниците исполнуваат една заедничка песна. Според зборовите на професорот Горан Јанев, деновиве во основното музичко училиште интензивно се одвиваат пробите за новото издание на фестивалот, сѐ со цел да бидат одбрани најдобрите песни што достојно ќе го презентираат богатството на традиционалната музика во Македонија. Тој смета дека фестивалот е една прекрасна идеја да се спои традицијата на овие простори со оглед на фактот што имаме широка поврзаност на балканската музика.
– Оваа манифестација треба да ја негуваме, а музиката да ја споделуваме преку младите интерпретатори меѓу кои имаме вистински вљубеници во традиционалната музика – велат организаторите.

Ми.М.