Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола освои осум награди во Индија

Меѓународна соработка

Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола освои осум награди за најдобар индивидуален пристап во соодветна категорија на светскиот детски ликовен конкурс за 2023 г., кој го организира школата за детска ликовна уметност „Мудра“ во Индија.
Наградени се учениците: Ангела Цветковска, Леа Стерјев, Ана Полизовска, Сара Наумовска, Сирма Спиркоска, Меланија Кондовска, Анастасија Наумчевска и Томислав Атанасовски.
Сите наградени дела неодамна беа изложени во салонот на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Барода“, а Македонија беше претставена со четири детски ликовни творби.
Светскиот детски ликовен конкурс во Индија низа години го носи насловот „Д јунајтед ворлд чајлд арт егзибишн“ и е формиран по моделот на „Малиот битолски Монмартр“. Организатор е „Мудра“, школата за детска ликовна уметност, под раководство на академската сликарка Кансара Киран. Таа од лани е и членка на Меѓународниот управен одбор на 42. издание на „Малиот битолски Монмартр“ и е носителка на титулата претседател на комисијата за соработка со азиските земји.
На светскиот детски ликовен конкурс пристигнаа над 2.500 дела од Индија, Австралија, Бугарија, Египет, Хонг Конг (Кина), Унгарија, Израел, Русија, Турција, Украина и од Македонија.
– Индија е само почеток на една успешна 2023 година за ДЛС во која ги најавуваме најмасовните реализации на 41. издание на светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола“ и 42. издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ за 2023 година. Наедно можеме да го најавиме и првото патување, кое е по покана на Европскиот парламент – Советот на Европа и Европската комисија, кое ќе го реализираме во март кога во Брисел ќе патуваме со 20 члена на ДЛС, кои ќе имаат средби со еврокомесарите за образование и култура, како и со претседателите на соодветните ЕУ-органи и комисии. Секако ќе реализираме и посети на низа музеи и галерии – велат од студиото.

М.Т.