Партибрејкерси

Со институционалната реакција, Бугарија ќе покаже дека ги почитува и своите граѓани што имаат поинаква самосвест од бугарската, исто онака како што се грижи за граѓаните со бугарска самосвест во соседните држави, одејќи дотаму дури и директно да се меша во нивните внатрешни работи и да инсистира тие да го променат Уставот. Осуда за нападот врз клубот „Никола Вапцаров“ стигна и од македонскиот државен врв, како и од политичките субјекти во земјава, кои бараат бугарските институции да ги откријат и да ги казнат сторителите. Односот на нашите политичари е во согласност со дипломатските практики, да се бара од тамошните институции да постапуваат. Од друга страна, при инцидент во Охрид, Бугарија целосно ги погази македонските институции и директно презеде дејства на туѓа територија, целосно занемарувајќи го македонскиот суверенитет

Уште не беше завршено одбележувањето на 151-годишнината на раѓањето на македонскиот идеолог и револуционер Гоце Делчев, гневот на оние што непоканети сакаа да присуствуваат на манифестацијата во Скопје само за да продолжат со националистичкиот пир, освен врз премрзнатите полицајци на граничниот премин Деве Баир, се искали и врз македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
Непознати сторители во саботата доцна попладне го каменувале влезот на клубот, кршејќи ја стаклената врата и предизвикувајќи мала материјална штета, но голема во македонско-бугарските односи, кои од ден на ден стануваат сè постудени и поскршени, исто како стаклото на клубот.
Сите овие расипувачи на забави изминатиот период најдобро покажаа како не се градат добрососедски односи, сеејќи навреди, омаловажувања и демонстрирајќи дрско непочитување на земјата што им пружила гостопримство. Можеме само да замислиме што ли ќе се случеше да појдат Македонци среде Софија, да ги виорат македонските знамиња и да извикуваат дека Бугарите се однародени Македонци. Македонските граѓани никогаш не го направиле тоа и никогаш нема да го направат бидејќи имаат почит кон државата што им укажала гостопримство. Кога се одеше на гробот на Јане Сандански се виореа знамињата на ОМО „Илинден“ – Пирин, организацијата на Македонците во Бугарија, а не се вееја македонските државни знамиња.
Ако беше спротивното, веднаш ќе реагираа бугарските институции како што реагираа за многу работи досега. Реагираа и кога се случи онаа трагична автобуска несреќа, реагираа и при разни други непогоди, покажувајќи дека тука се за да им се најдат на граѓаните, без оглед како се декларирале.
Исто така, експедитивно треба да реагираат и сега. Доволно е само да ги прегледаат камерите поставени на објектите во непосредна близина на културниот клуб „Никола Вапцаров“ и веднаш ќе видат кој го фрлил каменот. А првиот камен секогаш го фрла тој што не сака македонскиот и бугарскиот народ да бидат блиски, туку постојано меѓу нив да има некоја зла крв што постои повеќе од еден век, тој камен да биде камен што ќе сопнува.

Со институционалната реакција, Бугарија ќе покаже дека ги почитува и своите граѓани што имаат поинаква самосвест од бугарската, исто онака како што се грижи за граѓаните со бугарска самосвест во соседните држави, одејќи дотаму дури и директно да се меша во нивните внатрешни работи и да инсистира тие да го променат Уставот. Дури и на оние без бугарска самосвест се обидува да им наметне таква свест, дека се Бугари и ништо друго.
Осуда за нападот врз клубот „Никола Вапцаров“ стигна и од македонскиот државен врв, како и од политичките субјекти во земјава, кои бараат бугарските институции да ги откријат и да ги казнат сторителите. Односот на нашите политичари е во согласност со дипломатските практики, да се бара од тамошните институции да постапуваат.
Од друга страна, при инцидент во Охрид, Бугарија целосно ги погази македонските институции и директно презеде дејства на туѓа територија, целосно занемарувајќи го македонскиот суверенитет.
Во име на некакво добрососедство, Македонија прејде и преку овој дипломатски скандал само колку да не се нарушуваат и онака никаквите односи со Бугарија.
Во меѓувреме, на чествувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје присуствуваше и бугарскиот технички министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој кажа нешто што досега многу ретко го изговорил некој бугарски политичар, односно дека Бугарите го почитуваат македонскиот народ и држава. Ако не се работи за некаков ненамерен лапсус, тогаш Македонија пред гробот на великиот Делчев доби официјално признавање на македонскиот народ од бугарска страна, нешто што досега Бугарија категорично го негираше опстојувајќи на тезата дека станува збор за „еден народ, во две држави“. Под она еден народ, мисли исклучиво на бугарскиот.
Зборовите на Демерџиев пријатно одекнаа во ушите на македонските граѓани, кои се надеваат дека бугарскиот министер, иако технички, искрено го мисли она што го кажува. Тоа значи дека двете земји треба заеднички да чекорат кон обединета Европа, да одат напред и како најблиски соседи да градат добри односи што ќе ги зближат двата народа.

Затоа и првиот чекор во таа насока нека биде идентификување и казнување на напаѓачите врз клубот „Никола Вапцаров“, а потоа институциите во двете држави да постапуваат секогаш кога ќе биде извршено некакво насилство, без оглед на нечија етничка, верска или каква било друга определба, со што ќе упатат јасна порака дека ваквото однесување повеќе нема да се толерира.
Брзиот институционален одговор од бугарска страна ќе придонесе за враќање на довербата меѓу двете земји и за смирување на тензиите, кои очигледно некој намерно ги предизвикува меѓу двата народа, кои наместо да се зближуваат, уште повеќе се оддалечуваат и закрвуваат.
Онака како што македонските институции изреагирале секогаш кога имало потреба, така сега треба експедитивно да изреагираат и бугарските институции и брзо да откријат кој го нападна македонскиот културен клуб во Благоевград, во име на заедничкиот пат кон обединета Европа и уште повеќе, во име на добрососедството.
Со пронаоѓањето на напаѓачите врз македонскиот клуб, Бугарија ќе покаже дека како што реагира и се застапува на највисоко европско ниво при секој инцидент што ги засега бугарските културни клубови во Македонија, така ќе реагира и сега, без да се обидува да го маргинализира инцидентот и да го претставува само како локален вандалски чин. Повеќе од јасно е дека со фрлениот камен е упатена јасна порака од страна на бугарската држава кон македонското малцинство, но и кон Македонија.
Затоа и македонските власти треба да инсистираат на брза институционална разврска оти заташкувањето на случајот само ќе мотивира нови слични инциденти.
Бугарија е членка на ЕУ и сето ова треба да го разреши во согласност со европските практики, да демонстрира како го почитува владеењето на правото и да ги заштити сите свои граѓани.
Институционалниот одговор е најдобриот рецепт за сите „партибрејкерси“ што наместо македонско-бугарска инфраструктурна, економска, културна, образовна, туристичка, спортска и секаква друга соработка, претпочитаат омраза, раздор, навреди и постојани опструкции. Време е ваквите „партибрејкерси“ да бидат избркани од забавата.