Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, соопшти дека во Белград имал средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
– Имавме отворен и искрен разговор за политичко решение кое ќе ги намали тензиите и ќе овозможи отстранување на барикадите. Вучиќ ја разбира сериозноста на ситуацијата – напиша Лајчак на Твитер.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денеска во Белград имал „чесен и коректен“ разговор со претставниците на ЕУ и САД задолжени за Западен Балкан.
– Искрен и коректен разговор со специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак и американскиот пратеник Габриел Ескобар – напиша Вучиќ на Инстаграм по трилатералната средба.
Вучиќ претходно имаше тет а тет средба со Лајчак, по што на средбата им се придружи и Ескобар. По разговорите не беа најавени обраќања до медиумите.
Лајчак и Ескобар, денеска пристигнаа во Белград по дводневната посета на Приштина, во услови на зголемени тензии на северот на Косово.