И покрај нечија романтична замисла за тоа како треба да изгледа воспримањето на едно уметничко дело, факт е дека сѐ повеќе стануваме технолошки зависници, особено помладите генерации, кои можеби и не знаат како е да се биде верен приврзаник на старите добри форми на уживање во уметноста и културата. Оттука, новата виртуелна прошетка низ Стоби е само чекор напред во освојувањето и анимирањето на новата публика, затоа што музеите и културните места низ светот повеќе не се само места на кои едноставно ќе прошетате низ салите и ходниците преполни со уметност, туку места што нудат едно ново и поинакво искуство
„Спасувајќи го императорот Теодосиј“ (Saving Emperor Theodosius) е приказна што ќе ни го приближи римскиот град Стоби и во улога на посетител на градот ќе имаме можност преку интерактивен водич (кратки игри, квизови, реконструкции) на мобилниот телефон да искусиме дел од секојдневието на стобјани од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.), што наедно е и единствената досега потврдена посета на римски император во Стоби… Станува збор за новата мобилна апликација Immersium – интерактивна дигитална алатка што овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава на археолошкиот локалитет. Апликацијата ќе биде бесплатна и ќе може да ја користи секој посетител на локалитетот, а искуствата создадени преку Immersium водат до откривање нераскажани историски и културни приказни со интерактивна содржина, ВР и АР, поддржани со аудиовизуелни елементи, гејмификацијa, аватарски карактери итн. Апликацијата е продукт на двегодишен проект, плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји: Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско (Македонија), центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ (Македонија), универзитетот „Аристотел“ (Солун, Грција), фондацијата „Балканско наследство“ (Софија, Бугарија), Институтот за археологија (Белград, Србија), Градскиот музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и „Нексто“ (Словенија), а проектот е финансиран од Европската комисија…
Со оваа музејска и археолошка новина полека се доближуваме до светските трендови, во кои иако улогата на уметноста и уметникот останува иста, сѐ повеќе се воведуваат медиуми и алатки што неминовно се менуваат низ годините. Интернетот, а особено социјалните мрежи што ги користат милиони луѓе низ светот, е значајна алатка за промоција на уметноста, современите трендови се наметнуваат на секое поле, па и на полето на уметноста.
Достапноста до интернет за голем број луѓе во светот и сè поголемата достапност на компјутерите, паметните телефони и таблети со текот на годините создадоа нов вид зависност на уметноста, која сè повеќе почнува да живее на социјалните мрежи, форумите и на мрежните заедници. Голем број уметници во светот се стремат кон тоа нивната работа и дела да бидат забележани и валоризирани од уметничката заедница, критичарите, како и од пошироката јавност. Последниве години, пред сè, благодарение на интернетот, но и на комплетно новиот начин на работа и соработка во глобалната уметничка заедница, се случи вистинска експлозија на креативност, нови уметнички дела и нови содржини. Добрата страна на интернетот е што уметноста стигнува до многу поширок круг на публика. Бидејќи има поголеми шанси да биде видена, но и да биде валоризирана. Пандемијата уште повеќе ја потенцира таквата поврзаност.
На пример, познатиот музеј „Лувр“ во Париз, честопати сметан за најважна уметничка колекција во светот, уште пред една деценија ја сфати важноста на интернетот и глобалната заедница во промоцијата на уметноста. Така, тие најпрво ги презентираа своите колекции на својата веб-страница, со описи и историски податоци за секој уметник, а денес е можно да се „зачекори“ и во самиот музеј. Користејќи АР-уреди, корисниците можат да го видат целиот музеј во 3Д, исто како да се физички во самиот простор на галеријата. Самиот музеј е поделен на три дела, а секој од нив има четири ката. „Денон“ е најпопуларен, и во реалниот и во виртуелниот свет, и ги содржи најпознатите дела, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“. Ова ремек-дело на Леонардо да Винчи може да се разгледа одблизу и со висока резолуција – нешто што не е можно во реалниот свет.
Глобалната пандемија „принуди“ многу светски музеи и галерии да ги сменат своите планови, но и начинот на комуникација со јавноста и посетителите. Така, речиси секој познат музеј денес нуди виртуелни тури, или на својата веб-страница или преку некои од социјалните мрежи. Интернет-гигантот „Гугл“ преку својата програма „Уметност и култура“ овозможува бесплатно да го посетите Националниот музеј на уметноста во Сеул или Националната галерија во Вашингтон. Познатиот германски музеј „Пергамон“ во Берлин е, исто така, присутен на оваа платформа. Ако сте љубител на археологијата, Националниот музеј за антропологија од Мексико нуди патување преку интернет низ неговите 23 изложбени простори, кои ги содржат некои од најретките артефакти, како и целосната историја на поранешната цивилизација на Маите.
Вљубениците во уметноста и културата можат да уживаат во светските културни и цивилизациски придобивки и современи уметнички текови, затоа што тука може да ги видат: Каменот на Розета или египетските мумии во Британскиот музеј, ремек-делата од импресионизмот и постимпресионизмот во њујоршки „Гугенхајм“, француските уметници во музејот „Д’Орсеј“ во Париз, „Портата на Иштар“ во најголемиот германски музеј „Пергамон“ во Берлин, уметничките дела од златната ера во Холандија, огромната колекција на музејот „Пол Гети“ во Лос Анџелес, археолошките артефакти од периодот на Маите во Националниот музеј за антропологија во Мексико Сити… Понудата особено се збогати по затворањето на музеите за време на пандемијата, кога почнаа да се овозможуваат бесплатни онлајн прошетки низ овие простори, па „Гугл артс енд калчр“, во соработка со повеќе од 2.500 музеи и галерии низ светот, поради новонастанатата ситуација, ги отвори своите врати и за виртуелни тури и онлајн изложби.
Културата, сакале ние или не, сѐ повеќе се сели во виртуелниот свет. Музејските содржини може да се видат преку бесплатни онлајн прошетки низ овие простори, дури и концертите се стримуваат, а најголемите светски книжарници нудат бесплатно читање на нивните изданија… Во пандемијата кон новите трендови се приклучија и македонските културни институции. Археолошкиот музеј на Македонија почна да објавува едукативни видеа со аудионарација и знаковен јазик за изложените експонати, кои во овие денови на препорачано седење дома ќе им овозможат на граѓаните виртуелна прошетка по богатството што тој го поседува. И Музејот на современата уметност му се приклучи на светскиот тренд на онлајн прикажување дела од колекциите на музеите, преку поставување дела на социјалните мрежи за да се потсетиме на исклучителната збирка што ја поседуваме, како и поквалитетно да го поминеме времето во домашна изолација. Почнаа да се одржуваат и онлајн промоции на книги…
И покрај нечија романтична замисла за тоа како треба да изгледа воспримањето на едно уметничко дело, факт е дека сѐ повеќе стануваме технолошки зависници, особено младите генерации, кои можеби и не знаат како е да се биде верен приврзаник на старите добри форми на уживање во уметноста и културата. Оттука, новата виртуелната прошетка низ Стоби е само чекор напред во освојувањето и анимирањето на новата публика, затоа што музеите и културните места низ светот повеќе не се само места на кои едноставно ќе прошетате низ салите и ходниците преполни со уметност туку места што нудат едно ново и поинакво искуство.