Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Пекинг, каде што беше пречекан со високи државни почести пред самитот со кинескиот претседател Си Џинпинг, на кој се очекуваат разговори за глобалната економија, безбедноста и односите меѓу двете светски сили.
Во текот на дводневната посета, Трамп и Си ќе разговараат за трговските тарифи, технолошката конкуренција, војната во Иран и односите на САД со Тајван.
Според „Би-би-си“, Трамп се враќа во Кина во момент кога Пекинг е значително посамоуверен во однос на неговата последна посета во 2017 година, додека американскиот претседател дома се соочува со притисок поради конфликтот на Блискиот Исток.
Посетата првично била планирана за март, но била одложена поради војната меѓу САД и Израел со Иран, конфликт што продолжува да влијае врз глобалната економија.
На аеродромот Трамп беше пречекан од кинескиот потпретседател Хан Џенг, што аналитичарите го толкуваат како знак на почит од Пекинг.
Американскиот претседател е придружуван од неговиот син Ерик Трамп, како и од неколку водечки имиња од технолошката индустрија, меѓу кои Илон Маск од Tesla и Џенсен Хуанг од Nvidia. Се очекува да им се приклучат и директори од Apple, BlackRock и Boeing.
-Ќе побарам од претседателот Си да ја отвори Кина за овие брилијантни луѓе да помогнат во подигнувањето на Народна Република Кина на уште повисоко ниво – напиша Трамп на социјалните мрежи пред слетувањето.
Трговската размена меѓу САД и Кина бележи значителен пад поради тарифната војна. Минатата година изнесувала 414,7 милијарди долари, во споредба со 690,4 милијарди долари во 2022 година. Трамп се надева дека ќе го намали трговскиот дефицит, кој надминал 200 милијарди долари во корист на Кина.
Војната во Иран ќе биде една од клучните теми на разговорите. Кина во голема мера зависи од иранската нафта, а извозот е отежнат поради проблемите со пловидбата низ Ормускиот Теснец. Пекинг е под зголемен притисок од Вашингтон да го искористи своето влијание врз Техеран.
Тензиите околу Тајван исто така ќе бидат дел од агендата. Администрацијата на Трамп неодамна одобри голем договор за оружје со Тајпеј, додека група американски сенатори побараа од претседателот да потврди дека поддршката за Тајван не е предмет на преговори со Кина.
Трамп утре ќе присуствува на официјална церемонија во Големата сала на народот, државен банкет и повеќе билатерални средби, а посетата ќе заврши в петок со работен ручек со Си Џинпинг.
































