Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи предупредува за нова интернет измама преку која граѓани добиваат пораки за наводен сообраќаен прекршок и лажна наплата на казна.

Од Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност и Одделението за сајбер безбедност информираат дека во изминатите денови непознати лица преку странскиот телефонски број +639606963624 испраќаат СМС пораки до македонски корисници со известување за наводно сторен сообраќаен прекршок.

Во пораките има линк што води до лажна веб-страница која визуелно наликува на страницата на МВР – http://mvr.govmk.cam/mk. Од граѓаните се бара да внесат регистарска табличка од возилото, по што се прикажува наводен прекршок и барање за уплата од 1.500 денари со платежна картичка.

-Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб-сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба – велат од МВР.

Надлежните апелираат граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи од непознати или неверификувани испраќачи, со цел да не станат жртви на ваков тип измами.