Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека Македонија има потенцијал, знаење и талент, но дека сега е потребно тие капацитети да се претворат во конкретни резултати.

Обраќајќи се на Самит на Македонија 2025, Муцунски истакна дека целта е да се создаде држава во која младите ќе сакаат да останат, а талентите од дијаспората ќе имаат мотив да се вратат.

 – Малите држави не можат да победат со големина, но можат со знаење, агилност, доверливи институции и способност побрзо да се адаптираат – рече Муцунски.

Тој нагласи дека европската иднина останува стратешки избор на државата, бидејќи европскиот пат значи реформи, владеење на правото и посилни институции.

Според министерот, на самитот се разговарало за економски раст, инвестиции, лидерство, дигитализација, конкурентност и вештачка интелигенција, како клучни теми за идниот развој на земјата.

Муцунски посочи дека дигиталната трансформација и новите технологии веќе го менуваат начинот на работа и образование, поради што, како што рече, државата мора да создаде општество кое нема само да ги следи промените, туку и активно да ги користи.

Тој ја истакна и улогата на македонската дијаспора, оценувајќи дека нејзиното знаење, искуство и глобални контакти претставуваат значаен ресурс за развојот на државата.

 – Кога македонски претприемач во Торонто, инженер во Берлин или професор во Њујорк ќе успее, тоа е доказ за капацитетот што го носиме како народ – рече Муцунски.

Министерот додаде дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да работи на зајакнување на врските со дијаспората и развој на економската дипломатија со цел отворање нови пазари и партнерства.

Тој оцени дека Самитот на Македонија 2025 се потврдил како значајна регионална платформа за идеи, иницијативи и поврзување насочени кон развој и лидерство.