Преку ликот на Гу сакав да го прикажам животот на еден типичен канцелариски работник вработен во голема фирма. Начинот на кој тој бега од реалноста (работата што не ја сака, сметките, даноците и притисокот на неговата мајка да се омажи) е со играње онлајн компјутерски игри. Бусан е урбана џунгла, која во филмот се претвора во огромна мапа на компјутерска игра каде што Гу е главниот херој, вели Станишиќ

Саша Станишиќ, режисер

Краткиот филм „ПС Бусан“, во режија на Саша Станишиќ, неодамна ја имаше својата македонска премиера. Станува збор за филм во јужнокорејска продукција, која Станишиќ ја направи за време на својот тринеделен резиденцијален престој во Бусан, во 2019 година. Филмот е сниман на корејски јазик, со целосно корејска екипа. Директор на фотографија е Чои Вонук, монтажер Ли Дон Мин, музиката е на Васана, а главните улоги ги толкуваат Ким Мин Ву, Парк Хо Чен, Џеонг Џи Јанг. „ПС Бусан“ се прикажуваше и како дел од ноемвриската програма на Кинотеката на Македонија од 15 ноември.

Каков филм е „ПС Бусан“?
– „ПС Бусан“ е нетипичен корејски филм од македонски режисер. Тоа е филм што го третира секојдневието на еден жител на Бусан преку очите на еден Балканец. Во него преку суптилен хумор се прикажува еден ден од животот на Гу, жител на Бусан, обременет од многу обврски и премногу работа. Тој еднаш во неколку месеци има слободен ден, во кој конечно може да биде она што сака да биде и да побегне во еден виртуелен свет.
Чија е приказната на Гу, кој го создаде 40-годишникот што работи 60 часа неделно и каква е неговата улога во приказната?
– Кога требаше да предложам сценарио пред мојот престој во Бусан се соочив со проблемот каква приказна да раскажам во град и земја во која не сум бил никогаш во животот. Бидејќи сум гејмер и доста често играм видеоигри онлајн, имав запознаено неколку корејски играчи. Насловот на филмот е игра на зборови изведен од ПС Банг, тоа е корејско име за интернет-кафулиња. Јужна Кореја, и покрај големата интернет-пенетрација и технолошка инфраструктура, има повеќе интернет-кафулиња од продавници, кои се всушност едно од главните места за социјализација. Во таа смисла, главниот ликот Гу и сценариото се базирани врз некои мои претстави за животот во Јужна Кореја, кои, за среќа, беа точни. Преку ликот на Гу сакав да го прикажам животот на еден типичен канцелариски работник вработен во голема фирма (какви што ги има многу во Јужна Кореја). Начинот на кој тој бега од реалноста (работата што не ја сака, сметките, даноците и притисокот на неговата мајка да се омажи) е со играње онлајн компјутерски игри. Бусан е урбана џунгла, која во филмот се претвора во огромна мапа на компјутерска игра, каде што Гу е главниот херој.
Како дојде до соработката со корејската продукција?
– Филмот е снимен како дел од режисерската резиденција во рамките на филмскиот фестивал од Бусан. Фестивалот го организира градот Бусан, како дел од мрежата на креативните филмски градови на УНЕСКО. Една од главните активности на фестивалот е режисерската резиденција на режисери и филмски автори од другите филмски градови што се дел од мрежата. Многумина можеби не знаат, но Битола е дел од таа мрежа на креативни градови на УНЕСКО, заедно со градовите Рим, Сиднеј, Лоѓ, Кан… Бидејќи јас како режисер снимав неколку филма во Битола, аплицирав и во конкуренција со режисери од другите 18 филмски града и ме примија на резиденцијата заедно со уште еден режисер од Бразил. Нашата задача беше, за време на тој престој, да снимиме по еден краток филм инспириран од градот.
Филмот е сниман на корејски јазик, со целосно корејска екипа. Беше ли тешко да се реализира?
– Бусан е еден од ретките градови во Јужна Кореја што не биле разрушени за време на граѓанската војна во 1950-тите години. Градот е на море. Опколен е со прекрасни планини и неверојатни филмски локации, во него се снимаат повеќето корејски филмови и е центар на нивната филмска индустрија. Поради тоа во Бусан (а не во Сеул) се речиси сите битни филмски институции: најголемиот филмски фестивал во Азија, „Бусан интернешнал филм фестивал“, Кинотеката на Јужна Кореја, Корејскиот филмски центар и најдобрите филмски школи. Токму затоа во Бусан се случуваат вакви режисерски резиденции.
Мене како режисер ми беше голем предизвик да работам во една за нас далечна земја. Сметам дека тоа е многу битно за секој режисер (и уметник) – да побегне од сопствената комфорна зона. Во врска со реализацијата и целиот процес на претпродукција, продукција и постпродукција, и покрај тоа што филмот беше со мал буџет и со многу локации, сѐ функционираше беспрекорно. Корејците се многу организирани луѓе и успеавме филмот да го реализираме без никакви проблеми. Со два снимачки дена и уште една недела во постпродукција, тоа е најбрзиот филм што го имам снимано.
Како е да се живее во голема и раздвижена азиска метропола како што е Бусан, каде што новата технологија и старата традиција коегзистираат рамо до рамо?
– Возбудливо и тешко во исто време. Првиот впечaтoк ми беше колку е сѐ организирано и колку се почитуваат правилата. Таму има правила за сѐ. На пример, начинот на кој се поздравуваш. Никако ракување и никако со гледање во очи, туку со поклонување и посебни упатства за аголот на поклонот, во зависност од тоа со кого се поздравуваш. Но тоа почитување на правилата си има своја цена. Уште ми е врежана во глава сликата на големите 50-катници во кои живеат повеќето од жителите од Бусан, со мали прозорци, без балкони и мрежи под секој прв кат, кои се заштита од самоубиства. Во такви големи метрополи, отуѓувањето знае да го ослободи и зароби човекот во исто време, во зависност како се гледа на работите. Тоа што можеш да се изгубиш помеѓу другите луѓе и да бидеш непознат е нешто што ослободува. Се разбира дека тоа е малку покомплицирано за Европеец како мене. Кореја е хомогено општество што нема автохтони малцинства и престојот на еден европски режисер за нив беше настан и бев дочекан со големо гостопримство.
Какви спомени носите од вашиот тринеделен резиденцијален престој во Бусан?
– Јужна Кореја е далечна земја и култура и за мене овој престој беше неверојатно искуство. Дополнително што корејската кинематографија е една од најпотентните светски кинематографии и една од моите омилени. Тоа што најмногу ме интерeсираше е зошто во Јужна Кореја прават толку добри филмови, кои во себе имаат неверојатно силни емоции, кои речиси никогаш не преоѓаат во патетика. И мислам дека го најдов одговорот на тоа мое прашање. Корејците се интроверти и на прв поглед дејствуваат ладно. Но во суштина се големи емотивци. Зад таа нивна маска се кријат големи и силни емоции. На пример, продуцентката на филмот плачеше кога си заминував. Таа нивна емотивност е во директен конфликт со нивното чувство за колектив и колективна одговорност. Нивната култура на прво место го става колективот, а потоа индивидуата. Со други зборови, постои тензија помеѓу единката и колективот. Нивната драма е во самите нив. Во поглед на секојдневните искуства ми останаа врежани многу работи, доволно за еден цел патописен роман. Имаат неверојатна храна, многу блиска по вкус по нашата. Оригинален концепт за кафана, каде што сам си ја правиш скарата. Немаат ѓубре по улиците, а канти за ѓубре се реткост. Речиси сите пушат цигари, а пушење е забрането дури и на отворено (освен на посебни места, најчесто по ќошиња и зафрлени места). Нивните најпознати спортски клубови се наречени по големите компании (Самсунг, Киа, Хјундаи)…