Фото: Игор Бансколиев

По четири години работа стануваме поконстантни. Бразил е навистина еден од фаворитите, рече селекторот Тите, во чиј состав напаѓачи се Нејмар, Винисиус Жуниор, Ричарлисон, Рафиња, Антони, Габриел Жесус, Габриел Мартинели, Педро и Родриго

ФУДБАЛ

Богатството на напаѓачки опции на фудбалската репрезентација на Бразил беше истакнато кога во понеделникот беа избрани девет напаѓачи во селекцијата за настап на Светското првенство (СП) во Катар, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Нејмар ја предводи групата напаѓачи, во која се и Винисиус Жуниор, Габриел Мартинели и Родриго. Роберто Фирмино од Ливерпул, кој играше од 2014 година, не е во составот, пишува АП.
– Има генерација спортисти на високо ниво, тие се донесоа себеси тука. Можеше да има други играчи и сигурно има аргументи за други играчи. Поради карактеристиките на тимот ни требаат агресивни фудбалери на крилата. И така се структуриравме – рече селекторот Тите на прашањето зошто се избрани толку многу напаѓачи.
На списокот со 26 фудбалери се најде и Дани Алвеш, 39-годишниот поранешен десен бек на Барселона. Во составот има и осум дефанзивци и шест играчи од средниот ред, не вклучувајќи го играчот што настапи на СП 2018, Филипе Кутињо, кој се повреди на тренингот со Астон вила изминатиот викенд, пишува АП.
– Им дадовме приоритет на важни играчи, од средниот ред до нападот, но одржувањето на нашата рамнотежа е главната идеја на тимот. За да победуваме на највисоко ниво, треба да создаваме шанси и да постигнуваме голови. Но тоа не значи дека нашата одбранбена сила не е клучна за победа – рече Тите.
Запрашан дали Бразил може да се смета себеси за фаворит во Катар, Тите рече: „По четири години работа стануваме поконстантни. Бразил е навистина еден од фаворитите“.
Состав: Голмани: Алисон (Ливерпул), Едерсон (Манчестер сити), Вевертон (Палмеирас). Одбрана: Дани Алвеш (без клуб), Маркињос (ПСЖ), Тиаго Силва (Челси), Едер Милитао (Реал Мадрид), Данило, Алекс Сандро, Бремер (тројцата од Јувентус), Алекс Телес (Севилја). Среден ред: Касемиро, Фред (двајцата од Манчестер јунајтед), Фабињо (Ливерпул), Бруно Гимараеш (Њукасл), Лукас Пакета (Вест хем), Евертон Рибеиро (Фламенго). Напад: Нејмар (ПСЖ), Винисиус Жуниор, Родриго (двајцата од Реал Мадрид), Ричарлисон (Тотенхем), Рафиња (Барселона), Антони (Манчестер јунајтед), Габриел Жесус, Габриел Мартинели (двајцата од Арсенал), Педро (Фламенго).