Од септември годинава, откога Шахот е на листата изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и за петто одделение, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) продолжува со обуката на наставничкиот кадар по предметот Шах. По првата обука во Штип (10 наставници и пет директори), потоа во Куманово (33), Скопје (во повеќе училишта), Гостивар (20) и во Тетово (34), обука се одржа во Битола (22), а наставата во ОУ „Кирил и Методиј“ ја водеше Сашко Павловски.
– Продолжуваме со обуката на наставничкиот кадар. Во Скопје, поточно во Карпош планираме да има обука по шах следната недела. Во ноември ќе направиме ваква обука и во Велес, а до крајот на годината е предвидено и во Струмица и во Гевгелија. Понатаму во план се и Кочани, Струга, Охрид, Неготино, Кавадарци, Прилеп и други градови. Едноставно ШФМ прави напори шахот да влезе во секое училиште и да им обезбеди таблети со сите потребни материјали, апликации и линкови, за часовите да се одвиваат без тешкотии. Засега, задоволни сме како течат работите на овој план, како и од заинтересираноста на наставниците – вели потпретседателот на ШФМ, Агим Шемшиу. Г.И.