Српската војска е ставена во состојба на готовност и Белград со внимание ја следи состојбата на северот на Косово, по одлуката на косовските власти за постепено воведување регистарски таблички со косовски ознаки, како и по забележаните прелети на дронови во граничните области, во изминатите три дена.
Новоназначениот српски министер за одбрана Милош Вучевиќ во денешното гостување на РТС напомена дека не може да каже чии се дроновите, но е утврдено оти беспилотните летала доаѓале од Косово и се движеле кон централна Србија. Дроновите вчера ги снимале активностите во зоната на копнена безбедност и во две српски касарни. Вучевиќ посочи дека српската војска може да одговори на ваквите безбедносни предизвици со хеликоптери, топови и авионски митралези.
– Ќе го штитиме небото што е под контрола на војската на Србија, кое е покриено со нашите системи, во согласност со резолуцијата 1244 и Кумановскиот договор. Небото ќе биде сигурно за сите граѓани на Србија – кажа Вучевиќ.
Српската премиерка Ана Брнабиќ нагласи дека Србија ќе ги собори леталата како што тоа би го сторила секоја држава, доколку се повторат ваквите инциденти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера наредил да се кренат авиони-ловци од типот „миг-29“, но Вучевиќ објаснува дека патролирањето на авионите не е поврзано со забележаните дронови, туку дека станува збор за редовна контрола на воздушниот простор.
– Забележани се повеќе летала, со различни движења. Сето тоа се одвива ко контекстот на надзор и обидите за следење на активностите на војската на Србија на територијата што е под наша контрола. Тоа е комплексна ситуација. Миговите-29 патролираат над нашето небо, имаме право да го контролираме своето небо, како сите други држави. Не ги креваме миговите-29 за дронови – категоричен е Вучевиќ, додавајќи дека во Србија моментно се спроведуваат големи воени вежби наречени „Маневри 22“.
Српскиот министер смета дека постојат безбедносни ризици поради, како што кажа, неодговорното однесување на администрацијата во Приштина, напуштањето на концептот на дијалог и инстистирањето на косовските власти дека прашањето на регистарските таблички е предмет на нивната администрација.
Од вчера, во наредните три недели, до 21 ноември, на возилата кои ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички ќе им се изрекува „укор“. По овој датум, до 21 јануари 2023, ќе се изрекуваат парични казни, додека од 21 јануари до 21 април ќе им се издаваат пробни таблички.
Градоначалникот на општината Северна Митровица, Милан Радојевиќ, порача дека нема да има проблеми од српската страна се додека не биде доделена првата казна за табличките. Тој додаде оти очекува да бидат издавани опомени, како и оти се надева дека меѓународната ситуација ќе ги принуди косовските власти да попуштат во спорната ситуација.
Во август избија етнички тензии во Косово, токму поради одлуката за менување на регистарските таблички, кога Србите во северно Косово поставија блокади во знак на протест. Косовските власти со години се обидуваат да ги принудат тамошните Срби да почнат со користење на косовски регистарски таблички, во обид за наметнување на авторитет. Локалните Срби, пак, не ги признаваат косовските институции и сакаат да ја оформат Заедницата на српски општини што би им овозможила поголема автономија.